МТВ: Правилникот за урбанистичко планирање ги заштитува интересите на граѓаните и општините

од Берта Китинска
320 прегледи

Со Правилникот за урбанистичко планирање заштитени интересите на урбаното планирање, на граѓаните и општините, велат од Министерството за транспорт и врски во изјава за „Локално“, демантирајќи ги обвинувањата на граѓанските иницијативи – „Зелен хуман град“, „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Подобро за Тетово“ и „Стига E – Струмица“ кои велат дека со последната измена на Правилникот, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот да го сменил на начин што, како што велат, ќе обезбеди во нашите градови да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели.

-Ги демантираме сите невистини изнесени во јавноста од одредени здруженија и апелираме на доследно и целосно запознавање со Правилникот за урбанистичко планирање кој апсолутно ги заштитува интересите на урбаното планирање, на граѓаните и општините, велат од МТВ.

Оттаму посочуваат дека реформата во урбанистичкото планирање несомнено дава позитивни резултати, со самата отвореност на постапката, транспарентност, почитувајжи ги законските одредби кои пропишуваат јавни анкети, јавни и стручни расправи со вклученост на сите засегнати страни и партиципативни тела.

-Измените на Правилникот се во насока на доуредување на одредбите од Законот за урбанистичко планирање.Би сакале да потенцираме дека при изработката на урбанистичките планови треба да се почитуваат во целост сите одредби од Законот за урбанистичко палнирање и Правилникот за урбаниситичко планирање, а конкретно во членот 122 став 5 од правилникот е јасно и прецизно уредено дека се дава автономна можност на општините за намалување на урбанистичките параметри на веќе донесените урбанистички планови доколку има нарушување на јавниот простор, рамномерност на уличен фронт, нарушување на соседско право, девалвирање на материјална вредност или на друг начин се нарушува јавниот интерес, појаснуваат оттаму.

Од министерството посочуваат дека со овој начин јасно се потврдува дека општините согласно своите планови за развој, штитејќи го јавниот интерес и интересот на граѓаните имаат самостојно право да изработуваат и донесуваат урбанистички планови.

-Со плановите ќе се корегираат постојните планови што се штетни за за јавниот интерес во уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и зачувувањето на природните и културните вредности на просторот.Измената на членот 117 од Правилникот е во насока на доуредување на одредбите за оптималните вредности на процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на земјиштето и тоа во подрачја за кои нема односно има податоци за планирање и градење.Оваа одредба од правилникот не ги дерогира одредбите од законот за урбанистичко планирање за хиерархиска и хоризонтална усогласеност на урбанистичките планови со плановите од повисоко ниво на планирање, објаснуваат од МТВ.

Од кабинетот на Бочварски велат дека при планирањето на обврската на донесувачот и изработувачот е да се создаде и унапредување на условите за хумано живеење и работа на граѓаните, преку како што додаваат меѓусебно усогласена и урамнотежена разместеност на човечките дејности и активности во просторот.

-Би напоменале уште еден пример од старата законска регулатива во која беше предвидено максимално дозволениот процент на изграденост за А2 класа на намена за колективно домување да изнесува максимални 70%, додека со новиот Правилник предвидено е процентот на изграденост за истата класа на намена да се движи во рамки од 30% до 60%, параметри преку кои директно влијаеме на намалување на интензитетот на градењето.Министерството за транспорт и врски останува партнер на општините и сите заинтересирани страни и во таа насока ќе продолжиме да работиме заеднички на унапредување на постапките за урбанизација на просторот.И овој пат ги повикуваме општините како донесувачи на плановите да започнат со корегирање на урбанистичките планови секаде каде што сметаат дека има потреба од таква постапка, велат од МТВ.

„Бочварски веднаш да ги повлече срамните измени на Правилникот за урбанистичко“

Од граѓанските иницијативи кои стојат зад реакцијата сметаат дека самите термини „стекнато право за градење со урбанистички план”, односно „претходно стекнати права со урбанистички план“, утврдени со Правилникот за урбанистичко планирање од 2020 година и измените и дополнувањата од 2022 година, без притоа тие да се дефинираат и јасно да се утврдат ограничувањата на овие права спротивни на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за урбано зеленило и конечно, на највисокиот правен акт, Уставот на Републиката.

Затоа, тие ги повикуваат граѓаните да им се приклучат во борбата за, како што велат, враќање на владеењето на правото и правната држава.

-Нема да дозволиме условите за квалитетен живот на кои имаме право по Устав и по закон, функционерите да ни ги сведат на гола борба за преживување и целосно да ни ги потчинат на бескрајната узурпација и бетонизација на секој милиметар слободна површина. Не смееме да дозволиме да нè поразат и да нè обесхрабрат! Мора да си ги вратиме градовите и општините, бидејќи тие се наши ,се вели во реакцијата.

Воедно, го повикуваат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, веднаш да ги повлече, како што ги нарекуваат, срамните измени на Правилникот за урбанистичко планирање и го потсетуваат дека токму тој ги отфрли суспензиите за урбанистичките планови во Општина Центар, дури и оние со кои се реализира Скопје 2014 и оние кои се косат со Законот за урбанистичко планирање не почитувајќи ја хиерархијата со Генералниот план.

Слични содржини