„Нашата економија има добар систем на социјална заштита. Со социјалната реформа која ја спроведовме во 2017 година, станавме прва земја во регионот која го воведе гарантираниот минимален приход. Исто така, имаме повеќе социјални трансфери кои таргетираат различни групи, вклучително и субвенции за електрична енергија за социјално загрозените семејства“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна колумна.
„Но и покрај ова, нашата Влада досега презема повеќе мерки во насока на успорување на прелевањето на цените од светските берзи дома. Сега читателот ќе забележи дека ова е спротивно од она што го пишувам погоре, но ќе нагласам дека кај нас храната и енергијата учествуваат со многу висок процент во индексот на потрошувачките цени (CPI), оттаму оваа реакција беше неопходна за да се успори инфлаторната спирала. Првичната реакција беше преку даночни олеснувања, поддршка на енергетските компании за поспоро зголемување на цената на електричната енергија, таргетирана финансиска поддршка за ранливите категории, административни ограничувања со кои ќе се влијае на цените и мерки за штедење на енергија.
Во периодот јануари – мај 2022 година стапката на инфлација имаше нагорна тенденција и достигна 9,1%, што ги отсликува ценовните притисоци на страната на понудата предизвикани од глобални фактори, коишто се пренесоа во домашната економија главно преку зголемените цени на прехранбените производи (12,8%), нафтени деривати (30,7%) и електричната енергија (9,4%). Овие категории учествуваа со 71% во растот на инфлацијата во овој период.
Согласно анализа направена во Министерството за финансии, оваа инфлација би била многу повисока, доколку не беше брзата фискална реакција преку антикризните мерки. Согласно расположивите податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), во првата половина од 2021 година просечната цена на електрична енергија за домаќинства била 4,37 денари по KWh без ДДВ, одосно 5,156 денари со 18% ДДВ. Имајќи во предвид дека цената на електричната енергија во јануари-мај 2022 година е повисока за 9,4% во однос на истиот период лани, се доаѓа до пресметката дека цената во периодот јануари-мај 2022 година, изнесува 5,641 денари по KWh со 5% ДДВ или 5,373 денари без ДДВ. Доколку на оваа цена се пресмета 18% ДДВ, цената би изнесувала 6,340 денари по KWh, односно зголемување за 22,9%, наместо за 9,4%, поради намалувањето на ДДВ од 18% на 5%. Со тоа, придонесот на растот на цената на електрична енергија во вкупната инфлација би изнесувал 1,7 п.п. во периодот јануари – мај 2022 наместо 0,7 п.п., односно вкупната инфлација би била 10,1% наместо 9,1%. Ова е само директниот ефект, иако има и индиректни ефдекти, преку избегнување на следе, посилен бран поскапувања.
Понатаму, намалувањето на стапката на ДДВ од 5% на 0% за основните прехранбени производи (брашно, леб, масло, месо, сирење, млеко, јајца итн.) имаше влијание врз забавувањето на стапката на раст на инфлацијата, имајќи во предвид дека храната има највисоко учество во структурата индексот на трошоците на живот. Согласно, пресметките намалувањето на ДДВ-то за основни производи влијаеше врз намалување на вкупната стапка на инфлација за 1,5 п.п, односно годишната стапка на инфлација во април наместо 10,5% би изнесувала 12%. Сличен е ефектот и во мај 2022, односно намалувањето на ДДВ-то влијаеше на намалување на стапката на инфлација за 1,4 п.п., односно годишната стапка на инфлација во април наместо 11,9% би изнесувала 13,3%.
Согласно овие груби пресметки, преку фискалната реакција кај храната и енергенсите, растот на инфлацијата е амортизиран за околу четвртина“, пишува Бесими.