Проф.Неновски: Краткорочното замрзнување на маржите на дел од прехрамбените производи е палијативно и без позначаен ефект на кус и среден рок

од Берта Китинска
394 прегледи

Кризата во македонската економија може да се продлабочи во текот на годината па и да се протегне во 2023 год., предупредува во интервју за локално, професорот Томе Неновски. Причините ги лоцира во неповолните геополитички случувања, состојбите на светските берзи и инфлацијата, но и во мерките на надлежните институции.

“Македонија постепено навлегува во зоната на стагфлација. Силна дополнителна причина за неповолните состојби во домашната економија се и несоодветните мерки и одговори на надлежните домашни институции во однос на растечката економска криза. Според тоа, кризата ќе потрае и ако состојбите на светско ниво не се стабилизираат, кризата (рецесијата) на македонската економија може да се протегне и во текот на 2023 година”вели Неновски.

Мерките што се преземаат во делот на растечката инфлација, смета дека имаат ограничено и недоволно енергично дејство па оттаму за ублажување на ценовниот шок меѓудругото предлага, да се намали стапката на ДДВ и висината на акцизата за нафтата и нафтените деривати, да се интервенира на пазарот на стоки со пласирање на соодветните производи кои ги има во стоковните резерви, да се внимава со потребата или пак со големината од натамошно зголемување на цената на електричната енергија.

“Ако и во текот на јуни продолжи растежот на стапката на инфлација, НБРМ би требало да ја воведе ригидната мерка ограничување на порастот на пласманите на банките. Тоа не е пазарна мерка, но секогаш е ефектна кога треба енергично да се сопре растежот на инфлацијата”, дециден е професор Неновски.

Во однос на ребалансот на буџетот, смета дека не нуди можности за зголемување на капиталните инвестиции кои што како што вели, најчесто се замаецот на економијата.Со ребалансот според него ќе се влијае врз краткорочно заштитување на стандардот на населението и врз растежот на инфлацијата. Со цел економијата да излезе од оваа состојба што е можно помалку повредена, предлага властите уште во текот на летните месеци да се подготви за тоа што би можело да се очекува во текот на зимата и првото полугодие од 2023 година.

Владата ги замрзна маржите на оредени прехрамбени производи до крајот на септември. Првиот ваков обид на владата покажа дека на овој начин тешко може да се одржи растот на цените. Што мислите, дали овој нов обид ќе го заштити стандардот на граѓаните или ќе биде уште еден во низот на краткорочни мерки без долготраен ефект?

Актуелните мерки за спречување на растежот на цените, кои се сведуваат само на краткорочно замрзнување на маржите на одредени прехранбени производи, можат да се оценат како палијативни и без некој позначаен ефект на кус и на среден рок, со оглед на фактот што тие се однесуваат само на мал број производи кои влегуваат во т.н. кошничка на потрошувачките стоки и услуги преку чии цени се мери стапката на инфлација. Ова особено е важно во услови на тековно и очекувано натамошно зголемување на цените на нафтата и нафтените деривати, а дополнително и на очекуваниот пораст на цената на електричната енергија, ако се има предвид дека тие енергенси се содржани во калкулациите на производствените и продажните цени на речиси сите производи. Според тоа, намалувањето на цените на некои производи (леб, брашно, масло за јадење и сл.) за по 1,2,5 или 10 денари, не може значајно да го надомести претходно високото зголемување на цените на тие производи, кои со оглед на веќе силно присутните инфлациски очекувања, може да се претпостави дека ќе бележат натамошно зголемување, имајќи ги притоа предвид и неповолните движења на светските пазари на тие производи.

12 % инфлација ја позиционира Македонија на врвот на листата според годишната стапка на инфлација во Европа. И покрај тоа, дел од експертите смируваат дека галопирачката инфлација нема да трае подолго од година и половина.Што мислите Вие, колку ќе трае периодот на економски тешкотии во нашата држава и дали владата ги презема вистинските чекори за забавување на инфлацијата?

Македонија постепено навлегува во зоната на стагфлација. Може да се очекува нејзино продлабочување до крајот на годината со оглед на очекуваните неповолни геополитички случувања во светот, големата зависност на македонската економија од случувањата на светските берзи на стоки и услуги и инфлацијата која може да се смета дека со околу 50% е од увозен карактер. Меѓутоа, силна дополнителна причина за неповолните состојби во домашната економија се и несоодветните мерки и одговори на надлежните домашни институции во однос на растечката економска криза. Според тоа, кризата ќе потрае и ако состојбите на светско ниво не се стабилизираат, кризата (рецесијата) на македонската економија може да се протегне и во текот на 2023 година.

Во таа кризна состојба, како силен “дамоклов меч“ над македонската економија се надвиснува растечката стапка на инфлација. За нејзино запирање властите преземаат одредени мерки, но тие имаат ограничено, а со тоа и недоволно енергично дејство.

Во претстојниот период, мерките што Владата би можела да ги преземе за ублажување на ценовниот шок се повеќеструки:

а)Со оглед на силното влијание кое енергенсите го имаат во формирањето на цените на најголемиот дел производи, потребно е Владата да ја намали стапката на ДДВ и висината на акцизата која се пресметува на цената на нафтата и нафтените деривати, што последователно ќе има и материјален и психолошки ефект врз формирањето на цените на сите други производи и услуги. Тоа особено, е битно да се направи со оглед на очекуваното натамошно зголемување на цената на суровата нафта на светските берзи поради познатите геополитички случувања, што може да има влијание за натамошно драстично зголемување на цените на нафтата и на т.н. “белигорива“.

б)За да се намали порастот на цените на најважните животни производи кои ја чинат основата на животната егзистенција на граѓаните (леб, брашно, масло за јадење, млеко, јајца, шеќер и сл.) потребно е Владата да интервенира на пазарот на стоки со пласирање на соодветните производи кои ги има во стоковните резерви и тоа по цени по кои што таа претходно нив ги набавила. Со тоа ќе се зголеми понудата на тие производи и тоа по пониски цени од сега актуелните, што автоматски ќе предизвика намалување на продажните цени на тие производи кај сите трговци на мало.

в)Владата треба да внимава со потребата или пак со големината од натамошно зголемување на цената на електричната енергија, со цел превентивно да спречи натамошно зголемување на цените на голем број производи, но и да ги намали натамошните инфлациски очекувања.

г)Ако и во текот на јуни продолжи растежот на стапката на инфлација, НБРМ би требало да ја воведе ригидната мерка ограничување на порастот на пласманите на банките. Тоа не е пазарна мерка, но секогаш е ефектна кога трреба енергично да се сопре растежот на инфлацијата.

д) Владата на РМ, преку Министрството за финансии, пред с’е, но и преку другите министерства, треба што е можно помалку да троши за т.н. непродуктивни трошења и на тој начин да ја ограничи количината на пари во оптек која силно влијае врз растежот на цените во услови на ограничена (намалена) понуда на стоки и услуги. Тоа всушност, би значело намалување или стабилизирање на побарувачката на стоки и услуги која сега полека се претвора во силен фактор на растечката инфлација. Притоа, фискалната политика треба да биде во секојдневна блиска координација со монетарната политика и со синхронизирано дејство на тие “сестри – близначки“, да се влијае врз стабилизирање на цените во земјата.

Расте ризикот од глобална рецесија, цените на акциите паѓаат бидејќи централните банки ширум светот ги зголемуваат каматните стапки за да ја ограничат инфлацијата.На овој потег се одлучи и НБРМ.Комерцијалните банки веќе почнаа да ги прават интерните пресметки колку ќе “поскапат парите”. Што ќе значи тоа за граѓаните и за стопанството?

Поголемиот дел од светот веќе е навлезен во т.н стагфлација која се карактеризира со растечка инфлација, намалувачки или стагнатни стапки на економски растеж и со, засега скромно, но сепак присутно намалување на бројот на вработени лица. Во тоа тројство, со силата на своето негативно дејство се издвојува растечката стапка на инфлација (просечно близу 8,5-9% на светско ниво). Тоа ги предизвика централните банки, кои се одговорни за одржување стабила стапка на инфлација, да преземаат соодветни рестриктивни мерки за стопирање на растежот на инфлацијата. Најизразит е таквиот потег на ФЕД (Централна банка на САД), која последователно значително ја зголемува референтната (сигнализирачката) каматна стапка, за да ја смири инфлацијата која е највисока во последните 25-30 години и да ја заштити вредноста на доларот.

Сличен потег, иако, би рекол, задоцнет, презеде и НБРМ. Таа во изминатите два месеца неколку пати ја зголеми референтната каматана стапка, упатувајќи им сигнал на комерцијалните банки дека и тие треба да ги зголемат своите каматни стапки и сите заедно да влијаат врз запирање на натамошниот растеж на цените, преку намалување на агрегатната побарувачка во земјата. Тоа се разбира, ќе има соодветни ефекти врз граѓаните и стопанството. Вообичаено, во кредитните договори стои клаузула за променливост на каматните стапки, што значи дека најголем број од граѓаните и фирмите кои имаат такви договори, во претстојниот период ќе се соочат со зголемени каматни стапки, а со тоа и со плаќање на повисоки износи на кредитни рати што се разбира, дополнително (покрај инфлацијата) негативно ќе влијае врз нивните платежно-куповни можности и врз зголемување на производствените трошоци, а со тоа и врз профитабилноста на фирмите. Истата констатција важи и за новите кредити кои во претстојниот период ќе ги земаат граѓаните и претпријатијата.

Во тек е собраниската расправа за предлог ребалансот на буџетот. Колку според вас се оправдани обвинувањата на опозицијата дека со ваков ребаланс, Владата активно работи на осиромашување на народот наместо да се одржи економската стабилност и да се поддржи економијата?

Ребалансот на буџетот за оваа година е изнуден од бројните проблеми со кои тој се соочува, а пред с’е, од неостварувањето на планираните приходи, од една, и од растечките расходи, од друга страна. Со новите проекции се планира зголемување на расходната страна на буџетот со цел реализирање на претходно планирани, но и новопреземени обврски. Тука, пред с’е, се мисли на трошоците кои Владата треба да ги покрие во социјалната сфера, а кои се согледуваат во очекуваното септемвриско зголемување на платите во образованието и јавната администрација, зголемувањето на пензиите итн, што пак е директна последица од потребното законско усогласување на тие плати и пензии со претходно зголемената минимална плата во земјата. Истовремено, ребалансот не нуди можности за зголемување на т.н. капитални инвестиции кои што најчесто, се замаец на развојот на економијата. Најпосле, најзагрижувачки е порастот на ставката на т.н. стоки и услуги, позиција која што секогаш е во некоја состојба на замагленост и нејасност каде тие големи средства ќе се насочуваат. Најчесто, најголем дел од нив се насочуваат кон непродуктивни трошоци, што не може да има силно стабилизирачко дејство за економијата.

С’е на с’е, ребалансот на буџетот, во основа, е насочен кој зголемување на непродуктивните трошоци во земјата кои по дефиниција не можат да значат трајно стабилизирање на економијата и нејзино поведување кон излезот од веќе појавувачката стагфлација на економијата. До некаде и краткорочно, со ребалансот ќе се влијае врз краткорочно заштитување на стандардот на населението. Меѓутоа, тоа се прави со нови високи задолжувања во земјата и во странство, што ќе го зголеми износот на пари во економијата (најмногу преку растечките пензии и плати) и што во услови на ограничена понуда на стоки и услуги на пазарот, дополнително ќе влијае врз растежот на инфлацијата, а со тоа, се разбира, и врз опаѓачкото ниво на животниот стандард на населението.

Пандемијата, економската криза, енергетската криза, војната во Украина и прехрамбената криза која се очекува од есен донесоа многу несигурност и неизвесност во водење на националните економии. Во услови на ваква несигурност, најчесто се менуваат очекувањата за економски раст.Знаејќи ги состојбите и можностите на домашната економија , каков раст очекувате до крајот на годинава?

Кризната состојба во македонската економија е последователна неколку години и со оглед на слични остварувања во светската економија од која македонската економија е силно зависна, нема место за силен оптимизам во однос на очекувњата за остварувањата до крајот на 2022 година. Во претстојниот период ќе биде потребно ангажирање на сите мерки и инструменти за запирање на натамошните неповолни движења во економијата (растечка инфлација, намалувачки БДП, а може да се случи и намалувачка вработеност), со цел економијата да излезе од оваа состојба што е можно помалку повредена. И, како и секој добар домаќин, властите би требало уште во текот на летните месеци да се подготват за тоа што би можело да се очекува во текот на зимата и првото полугодие од 2023 година (комплетирање на стоковните резерви на нафта и нафтени деривати, гас, разни прехранбени производи…итн.).

К.В.С.

Слични содржини