Нуклеарното оружје можеби се сметаше за остаток од минатото – до сега. Неговите глобални залихи се очекува да растат, за првпат од крајот на Студената војна, а стариот нуклеарен поредок е на работ на колапс, наведува „Радио Слободна Европа“.
Поминаа повеќе од три децении откако последниот лидер на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, изјави дека заканата од глобална нуклеарна војна практично исчезнала.
Меѓутоа, 32 години подоцна, работите се поинакви, нуклеарната закана се врати, а некогаш незамисливото сега го нема. Од почетокот на војната во Украина, рускиот претседател Владимир Путин постојано го потсетува светот на нуклеарната моќ на неговата земја.
Со речиси 6.000 боеви глави, Русија го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот, а само три дена по почетокот на инвазијата на Украина, Путин нареди нуклеарното оружје да се стави во состојба на готовност.
Соединетите Држави велат дека заканата од нуклеарен напад останува ниска, но не и занемарлива.
Таквата реторика ги поттикна другите земји со нуклеарно оружје да размислат за сопствените стратегии.
Според Меѓународниот институт за мировни истражувања со седиште во Стокхолм, деветте нуклеарни сили – Велика Британија, Кина, Франција, Индија, Израел, Северна Кореја, Пакистан, САД и Русија – се очекува да го зголемат и модернизираат својот арсенал.