Предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за укинување на бугарското вето за Македонија за почеток на преговорите со Европската унија ќе биде доставен до сите земји членки, по што треба да биде усогласен од секоја од нив. Како што објавија дел од бугарските медиуми, Франција, која во моментов претседава со Советот на ЕУ, предлага условите на Бугарија за Северна Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка на земјата за пристапување во Европската унија, а дека ЕУ треба да го гарантира нивното спроведување.
Документот беше испратен до Бугарската парламентарна комисија за надворешни работи во петокот. Два дена претходно, на седницата минатата среда, бугарската влада одлучи сите прашања поврзани со темата Северна Македонија да ги решаваат само пратениците. Засега не е закажан состанок на тамошната комисија за разгледување на овој документ.
Во обид да дознаеме што мисли бугарската јавност за овој предлог, но и што од вистински се состои, „Локално“ контактираше со бугарскиот политички аналитичар и автор Сергеј Петров. Според него, во бугарските медиуми пристигнуваат различни сигнали за „францускиот предлог“.
-Откако успеав да го видам оригиналниот предлог, верувам дека неговата содржина не може да биде доволна за решавање на спорот меѓу двете страни. Барањето за почитување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји се споменува нејасно, но без јасна рамка која евентуално може да ја очекуваме во подоцнежна фаза, но со оглед на времето поминато од потпишувањето на договорот и немањето напредок, не сум оптимист. Се споменува и заштитата на правата на малцинствата и заедниците. Кабинетот на Кирил Петков се фокусира на признавање на бугарското малцинство во Македонија, што не е голем проблем во односите со јавноста во Бугарија. Францускиот предлог е многу повеќе фокусиран на барањата на центрите на моќ во ЕУ отколку на проблемите меѓу Бугарија и Македонија, смета Петров.
Околу реакцијата на бугарскиот претседател Румен Радев и бугарскиот премиер Кирил Петков за францускиот предлог, Петров вели дека Радев се однесувал критички кон однесувањето на Петков, велејќи дека Петков е „премиер, а не курир“ и дека не бил даден бугарски предлог, туку француски.
-Кирил Петков повторно го става фокусот на официјалното вклучување на бугарското малцинство во Уставот на РСМ. Од Македонија ни доаѓаат реакции дека и ова нема да се случи. Ги видовме и реакциите на ВМРО – ДПМНЕ. Бугарија се соочува со гласање недоверба, за кое ќе се гласа оваа недела. Предметите со предлозите и состаноците се во текот на истата недела. Се е можно. Во превирањата може да се донесат одредени одлуки, но останува да се види, оценува аналитичарот.
Во среда е најавена седницата во Бугарското народно собрание за гласање доверба на владата на Петков. Петров на прашањето што доколку падне актуелната бугарска влада и што би значело тоа за македонското прашање, вели дека „во Бугарија постои чувство дека ЕУ повеќе врши притисок врз нашата земја отколку врз Македонија“.
-Многу е веројатно дека и следниот владин кабинет ќе биде подложен на истото и ќе биде принуден да го укине ветото, објаснува Петров.
На прашањето дали францускиот предлог го доведува во прашање идентитетот на етничките Македонци или на најчист можен начин го потврдува со јасното именување на македонскиот јазик во преговарачката рамка, бугарскиот аналитичар порачува дека Бугарија пред 30 години беше првата земја што ја призна Македонија како суверена држава.
-Со тоа официјална Софија го призна и правото на Македонците на самоопределување како што сакаат. Нашата држава никогаш не го оспори правото на Македонците на самоопределување, дециден е Петров.
Откако најголемата македонска опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ на протестот во саботата јасно стави до знаење дека нема да се менува Уставот за бугарските барања да бидат дел од него, аналитичарот вели евентуалното внесување на Бугарите како народ во македонскиот Устав не е ниту главниот проблем или пречка во решавање на спорот.
-Очигледно немаме усогласување околу тоа. Проблемите со историјата и отворањето на архивите изгледаат уште потешки за решавање, заклучува Петров.
Н.П.