Поранешниот министер за финансии на Руската Федерација, Алексеј Кудрин, го предупредил претседателот Владимир Путин дека војната во Украина ќе има катастрофални последици за руската економија, објави независниот руски портал Медуза.
Повикувајќи се на два извори од Кремљ, Медуза наведува дека Кудрин, како функционер на парламентарната комора за финансии се сретнал со Путин по март, иако кабинетот на претседателот ја објави веста за состанокот дури на 14 јуни оваа година, па во официјалната изјава не се споменува Украина.
Кудрин, наводно свесен дека Путин и тој не се согласуваат за политички прашања, своето предупредување го презентирал исклучиво низ призмата на влијание врз економијата, имајќи предвид дека Путин верува во неговата стручност кога се во прашање економијата и финансиите.
Затоа Кудрин во нивниот разговор не кажал што мисли за самата војна, туку само рекол дека таа, според него, е штетна за руската економија. Според изјавите на лицата кои присуствувале на средбата, Путин на никаков начин не реагирал на предупредувањето на Кудрин, пренесува Јутарњи лист.
И покрај тоа, Кудрин наводно немал намера да поднесе оставка од чело на Комората бидејќи смета дека може да направи повеќе добро доколку се обиде да ја искористи таа позиција за да влијае на натамошниот развој на настаните, тврди еден негов познаник, стои во текстот на Медуза.
Кудрин е либерален, независен политичар кој своето прво искуство го стекна во администрацијата на градоначалникот на Санкт Петербург Анатолиј Собчак, политичкиот ментор Путин и Дмитриј Медведев. По 1996 година станува дел од администрацијата на претседателот Борис Елцин, а од 2000 година беше министер за финансии на Руската Федерација.
Тој остана на таа позиција вкупно 11 години – најдолго од сите постсоветски министри за финансии – и го помина најголемиот дел од својот мандат како вицепремиер. Тој се стекна со меѓународна репутација како личност посветена на фискалната одговорност и спроведувањето на даночните реформи. За време на неговиот мандат, Русија го врати најголемиот дел од надворешниот долг што го акумулираше во 1990-тите. Во 2010 година ја доби и престижната награда на магазинот Euromoney за најдобар министер за финансии.
Неговото заминување дојде по влошените односи со Дмитриј Медведев, кој побара негова оставка во 2011 година среде состанокот со локалните власти, иако го сметаше за близок соработник на Путин. Неговата оставка западните експерти ја оценија како тежок удар за руската економија и долгорочната стабилност.
Денес тој се уште е влијателен економист, а покрај функцијата претседател на собраниската комора, Кудрин е и декан на Факултетот за либерални уметности и науки на Државниот универзитет во Санкт Петербург, како и претседател на Здружението Одборот на Европскиот универзитет во Санкт Петербург.