Милошоски: Уставот не е конзерва која што треба да се отвора или затвора според политички апетити

од Nikola Popovski
212 прегледи

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вечерва изјави дека главниот проблем во францускиот предлог е прифаќањето билатералните прашања да влезат во преговарачката рамка со ЕУ.

-Како Комисија за надворешна политика спремни сме во секое време, доколку Ковачевски и Османи го достават протоколот и францускиот предлог, да разговараме во Собранието на отворена или затворена седница. Доколку дојде во Комисијата, ќе имаме увид кои се позитивните или негативните страни на овој предлог. Сметам дека Владата како орган кој што има доверба од Собранието и влада во која што помали коалициски партнери не се согласуваат со францускиот предлог, не би била сигурна дека е во комотна позиција, рече Милошоски.

Милошоски смета дека треба да го следиме словенско-хрватскиот модел за одблокирање на европскиот пат.

-Да се работи на стандардите кои Македонија треба да ги постигне, а земјата членка на ЕУ која што има некаква клучна забелешка и некое клучно барање да се пресретне тоа барање во моментот кога Македонија ќе стане членка на Европската унија. Така Словенија и Хрватска на еден цивилизиран начин го решија нивниот спор и сега се и двете членки на Европската унија и се многу добри соседи, вели Милошоски во Дневникот на ТВ Сител.

-ВМРО-ДПМНЕ смета дека Уставот не е конзерва која што треба да се отвора или затвора според политичките апетити на Каракачанов, Ковачевски или Трифонов. Тоа е еден темелен правен акт, кој што го претставува суверенитот на Македонија. Може да се разговара на таа тема единствено кога ќе знаеме дека следниот ден стануваме земја-членка на ЕУ, па да видиме што можеме да направиме, додаде поранешниот министер за надворешни работи.

 

Слични содржини