Од најголемо значење е земјите од Западен Балкан, по 20 години давање европска перспектива, да добијат веродостојно ветување дека ќе добијат можност за влез во ЕУ, истакна денеска во Брисел германскиот канцелар Олаф Шолц.
Тој во пресрет на Самитот на ЕУ рече дека денеска шефовите на држави и влади на Унијата имаат важна дискусија со земјите од Западен Балкан.
– Граѓаните на Западен Балкан 20 години чекаат можност да станат членки на ЕУ. Од најголема важност е тие да добијат веродостојно ветување по многуте напори што ги направија на патот. Германија чувствува одговорност да им даде можност на земјите да се приклучат – рече тој.
Шолц рече дека на земјите од регионот во 2003 година им било ветено дека ќе станат членки на ЕУ, а потоа имало надеж дека тоа може да се случи во рок од пет до 10 години.
– По 20 години мора да се направи чекор напред. Германија ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ и се чувствува одговорна да бидат успешни на тој пат – нагласи тој.
Германскиот канцелар рече дека најважното прашање е да се работи на тоа на земјите од регионот да им се даде вистинска можност да станат членки на ЕУ.