Министерството за транспорт и врски во континуитет продолжува со реализација на програмата за изградба и модернизација на патната инфраструктура. Во општина Делчево вложуваме околу 790 илјади евра за рехабилитација на локални улици и патишта, кои се барање на жителите и приоритет за локалната самоуправа, истакна министерот Бочварски при денешната работна посета на општина Делчево.
Министерот и градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, извршија увид во изградба на локалниот пат кон населенето место Тработивиште.
“Со градоначалникот Трајковски се наоѓаме на увид во градежните активности на локалниот пат кон населеното место Тработивиште за кој вложуваме повеќе од 22 милиони денари. Oвој патен правец се асфалтира за прв пат. Вкупната должина изнесува 5,3 километри и со неговото асфалтирање значително ќе се подобрат условите за локално функционирање, ќе се зголеми безбедноста, а ќе се намали и времето за патување кон градот Делчево”, изјави министерот Бочварски.
Општина Делчево преку Проектот за поврзување со локални патишта до сега изврши реконструкција на улиците „Орце Николов“ и „Скопска“, а во овој момент се работи и на улицата „Острец“ која се наоѓа во градското јадро.
“ Овој проект, покрај општествената одговорност, има за цел подобрување на пристапот на граѓаните до услугите и објектите од јавен интерес, како и зголемување на мобилноста и безбедноста во сообраќајот. Денеска можам да истакнам дека жителите на Тработивиште и Разловци, покрај регионалниот пат, досегашната единствена сообраќајна врска за овие села, добиваат уште една патна алтернатива која значи поблиску до Делчево и поблиску до земјоделското земјиште. Патот е со вкупна должина од 5,3 километри, со ширина од 4 метри со банкини и соодветно направени одводни канали”, изјави Горан Трајковски, градоначалник на општина Делчево.
Министерот додаде дека во Мнистерството веќе се започнати постапките за избор на компании изведувач и надзор за реконструкција на дел од водоводната мрежа во Делчево за што се инвестира 23 милиони денари.