„Поздрав од Источна Македонија”, кажа албанскиот премиер Еди Рама денеска во Брисел.
Рама повторно предизвика внимание со својата позната иронија која ја кажа на сеансата на фотографирањето со лидерите на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и на претседателот на Франција, Емануел Макрон, со цел да укаже дека Бугарија е адресата на кочењето на интеграцијата на Албанија и Македонија. На неговата досетка присутните се насмејаа.
Албанскиот премиер пред неколку недели предизвика бура од рекации кога во Солун направи слична досетка кога „го корегираше“ грчкиот премиер Мицотакис при претставувањето на македонскиот премиер Ковачевски пред германскиот канцелар. Кога Мицотакис рече „премиерот на Северна Македонија“, Рама видно расположен додаде: „Идниот премиер на Западна Бугарија“, што беше проследено со смеење.
Рама се огласи по бурните реакции во јавноста околу неговата шега кажана на сметка на премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, кого пред канцеларот на Германија го претстави како премиер на Западна Бугарија.
„За смеење и плачење е хистеријата на некои во Скопје кон премиерот Ковачевски, по објавувањето на видеото од ракувањето со канцеларот Шолц во Солун, каде ја исмејував грдата блокада на Македонија од Бугарија! Кафанска кавга среде чадот од ќофтињата“, напиша на Твитер објавата на албанскиот премиер Еди Рама.
Снимка од досетката на Рама може да ја погледнете ОВДЕ.