Го споделувам и поддржувам ставот на премиерот Ковачевски во однос на билатералниот дијалог со Бугарија и евроинтегративниот процес, објави синоќа првиот вицепремиер Артан Груби по вчерашните случувања во Брисел и отфрлањето на францускиот предлог во ваква форма.
Според Груби, процесот на интеграција не смее да биде заложник на билатерални прашања и да се киднапира од менталитетот на деветнаесеттиот век.
-Носењето на одлуки во Европската унија мора да претрпи длабоки реформи без одлагање. Не се откажуваме затоа што немаме друг пат, но нема ниту да станеме експеримент во 21 век, истакна Груби.
Премиерот Димитар Ковачевски отфрли францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија.
„Предлогот во сегашната форма е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, владата, коалиционите партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија. Доколку се постигне разбирање за нашите позиции за време на француското претседателство, ние сме подготвени да се вклучиме во разговорите за почеток на преговорите во јуни“, рече тој на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.