Украинските сили добија наредба да се повлечат од Северодоњецк

од Stefanija Kuzmanovska
298 прегледи

Украинските сили добија наредба да се повлечат од градот Северодоњецк на истокот на земјата, каде водат жестока борба со руските сили, изјави гувернерот на Луганск, Сергеј Гајдаи, пренесува АФП.

„Украинските вооружени сили ќе мора да се повлечат од Северодоњецк. Добиле таква наредба“, објави Гајдаи на Телеграм.

Некои од најжестоките конфликти од почетокот на руската инвазија на Украина се водат во Северодоњецк, каде борбите за секоја улица траат повеќе од еден месец, а Русија полека напредува.

„Нема смисла да се остане на скршени позиции многу месеци само поради останувањето таму“, изјави претходно Гајдаи, најавувајќи можно повлекување.

Тој не кажа дали армијата веднаш ќе се повлече или има некоја друга временска рамка.

Битката за Северодоњецк е клучна за Русија да воспостави контрола врз останатиот дел од Луганската област, каде само Лисичанк би останал под контрола на Украина доколку падне Северодоњецк, потсетува француската агенција.

Луганск е еден од двата региони кои го сочинуваат Донбас, област која Русија и руските сепаратисти во источна Украина сакаат целосно да ја освојат.

„На многу начини, судбината на Донбас се решава овде“, рече неодамна претседателот Владимир Зеленски, мислејќи на Северодоњецк.

Слични содржини