Милошоски побара оставка од Ковачевски и Османи

од Nikola Popovski
128 прегледи

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник, Антонио Милошоски повторно побара оставка од Владата, поради како што вели, „во обликувањето на францускиот документ активно учествувале и премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи“.

-Премиерот Ковачевски и министерот Османи се двајцата актери на кои им се случи најголемиот дипломатски дебакл, после оној со Лисабонската декларација. Македонија доби непринципиелен и понижувачки предлог за преговарачка рамка, преполн со наметнати билатерални прашања и со поглед во минатото. Факт е дека во обликувањето на овој документ активно учествувале и Ковачевски и Османи, иако тоа го криеа од јавноста. Затоа нема потреба ниту од два збора, ниту има потреба од правдање со загради. Еден збор е доволен. Оставка, објави Милошоски на својот Фејсбук профил.

Министерот Османи претходно објави дека морале да го отфрлат францускиот предлог поради деловите во него за кои бугарската страна без никаква аргументација не покажала разбирање.

-Француското претседателство беше многу внимателно при срочувањето на текстот внимавајќи на сензитивностите на двете страни и затоа прашањата кои не беа прифатливи за нас ги стави како недефинирани предлози (во заграда) за да потенцира дека тие се прашања кои не се решени. Оттука ние само можеме да се заблагодариме на Француското претседателство но моравме да го одбиеме нивниот предлог во ваква форма, напиша Османи на социјалните мрежи.

Слични содржини