Американскиот претседател Џо Бајден не може да дозволи меѓу сојузничките од НАТО, една земја членка да малтретира друга земја членка затоа што е поголема, како што е во случајот со Бугарија и Северна Македонија, порача американскиот универзитетски професор и експерт за Балканот, Едвард Џозеф.
-Тоа е веќе и проблем на НАТО. Тоа не можеме да го дозволиме. Ова е сојуз, НАТО е сојуз, не може САД да толерира агресија кон идентитетот, искористување на силата, на овој начин. Ова е сериозно, не е мало прашање. Идентитетот на луѓето е поврзан со идентитетот на државата, со напредокот на државата, со внатрешната стабилност и добрите односи меѓу Македонците и Албанците, што е наш интерес – вели Џозеф.
Според него, интерес на Владимир Путин се поделбите и конфликтите.
-Поделба меѓу Бугарите и Македонците, поделби меѓу Албанците и Македонците, меѓу Србите и Косовците, сето ова. Путин тоа го сака во Украина, тоа го сака и на Балканот, поделби, конфликти, додека интересот на САД е да се запре сето тоа, почнувајќи со афирмација во официјална пишана форма на македонскиот идентитет, вели Џозеф во интервју за ТВ Клан Македонија.