Литванија нема да прави отстапки во однос на транзитот на санкционирана стока до руската енклава Калининград, напиша денеска на својата Фејсбук страница претседателот на таа земја, Гитанас Наузеда.
„Совршено е јасно дека Литванија мора да примени и ќе примени санкции од ЕУ. Литванија мора да ја задржи контролата врз стоките што се транспортираат преку нејзината територија, а какви било коридори не доаѓаат предвид, исто како што не станува збор за отстапки за Русија“, рече Наузеда, пренесe ТАСС.
Гувернерот на Калининградската област објави дека на 18 јуни литванскиот национален железнички оператор го известил Калининград за ограничувањето на транзитот на стока меѓу тој регион и остатокот од Русија, а на 21 јуни е објавено дека ограничувањата се однесуваат и на патниот сообраќај.