Канада распореди уште два воени брода во Балтичкото Море и Северниот Атлантик, кои им се придружија на парот фрегати кои веќе се во областа, во обид да го зајакне источното крило на НАТО среде војната во Украина.
„Канадските бродови „Кингстон“ и „Самерсајд“ ќе бидат на четиримесечна мисија како дел од мерките за одвраќање во Централна и Источна Европа започнати во 2014 година откако Москва го анектираше Крим“, се вели во соопштението на канадската морнарица во неделата, пренесува лондонски „Гардијан“.
Во соопштението се наведува и дека до октомври канадските бродови ќе учествуваат во поморски вежби за отстранување мини и ќе одржуваат „висока борбена готовност“, што ќе им овозможи брзо и ефикасно да реагираат како поддршка на сите операции на НАТО.
Канадските воени бродови Халифакс и Монтреал се очекува да се вратат во нивните матични пристаништа во јули од операцијата наречена „Assurance“, која беше проследена со најголемото распоредување на канадската морнарица во странство.
Во мисијата се вклучени и околу 700 канадски војници распоредени во Летонија како дел од артилериските сили и воената служба за електронско војување, како и неколку борбени авиони на канадските воздухопловни сили.