„Имаме огромна инфлација“: КСС со амандман бара покачување на платите во јавниот сектор

од Берта Китинска
285 прегледи

Покрај јавниот сектор, платите да се зголемат и на вработените во приватниот сектор. Ова е барањето на Конфедерација на слободни синдикати испратено до пратениците во Собранието. Тие бараат со амандманска интервенција во предлог-ребалансот на буџетот да се одвојат една милијарда денари за да може да им се помогне на работниците и во приватниот сектор. Конфедерацијата дава поддршка на барањата за зголемување на платите и во јавниот сектори.

-Поради тоа што имаме огромна инфлација, енергетска и економска криза каде што очекуваме струјата да биде покачена, бараме овие работници да ги преживеат овие месеци да се подготват за тешката зима како што вели Владата. За сите вработени коишто имаат нето плата од 18 илјади до 21 илјади, да добијат по три месеци по три илјади денари и за сите вработени од 21 илјади до 24 илјади да добијат три месеци по две илјади денари, рече Благој Ралповски-Претседател на Конфедерација на слободни синдикати.

Додаде дека барањето иако било испратено до сите пратеници, наишло на поддршка само од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Добивме уверување дека амандманот ќе биде поднесен комисиски и ќе биде разгледуван. Ги потсетивме повторно сите пратеници, но еве и јавно апелираме до сите нив да соберат сила и да покажат разбирање за состојбата во која се наоѓа македонскиот работник и овој амандман да биде усвоен во Собранието. Напоменуваме дека доколку кој било од пратениците е против овој амандман и гласа за негово отфрлување, КСС тие пратеници ќе ги смета како „непријатели“ на работниците, подвлече Ралповски.

Слични содржини