Заменик-претседателот на Комитетот за надворешни работи на руската Дума, Владимир Џабаров, изјави денеска дека одбивањето на Литванија да пропушта роба под санкциите на ЕУ во руската енклава Калининград може да доведе до воен конфликт.
Џабаров истакна дека може да дојде до „вооружен конфликт“ доколку Калининград биде блокиран.
„Руската држава мора да ја заштити својата територија и да ја зачува својата безбедност. Доколку видиме закана за нашата безбедност која е придружена со можност за губење територија, секако дека ќе преземеме екстремни мерки и ништо нема да не спречи“, додаде Џабаров.
Неговата изјава уследи по предупредувањето од Кремљ дека ќе реагира на ограничувањето на транзитот.
Обидот на Русија да ја искористи армијата против Полска или Литванија ќе предизвика директен конфликт со НАТО, чии членки се Полска и Литванија. Според Повелбата на НАТО, сојузниците се обврзани да ја заштитат секоја нападната земја-членка.
Литванија претходно нагласи дека забраната за транзит на руска стока е дел од четвртиот пакет санкции на ЕУ и дека се однесува само на челик и метали кои содржат железо. Земјата го отфрли тврдењето на Русија дека станува збор за блокада на Калининград, бидејќи преку Литванија може да поминуваат стоки и роба што не подлежат на санкции и патници преку железницатата можат слободно да пројдат.
Во согласност со санкциите на ЕУ, од јули ќе биде забранет транзитот на други стоки произведени во Русија, од август транспортот на јаглен, а во декември ќе биде забранет транзитот на нафта и нафтени деривати.
Русија тврди дека ограничувањата на транзитот се прекршување на претходните договори со ЕУ за слободен премин на роба во Калининград.