Денеска треба да се одржи 77. пленарна седница со единствена точка на дневниот ред Интерпелација за работата на претседателот на Парламентот Талат Џафери, поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Интерпелацијата за Џафери ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе на 30 мај. Џафери запазувајќи го рокот во Деловникот одговори на неа и ја закажа денешната седница.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои спроведуваат, како што ја нарекоа активна блокада во Собранието, го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Според нив, во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршеше одредбите од Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и законите со кои е уредена работата на Собранието.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се почесто има скандали во неговото работење и оти последен во низата бил скандалот кога пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ биле заклучени во салата во која се одржуваше пленарната седница.
Џафери, како што посочуваат од опозицијата, постапил несовесно, со тоа што извршил најтешка повреда на „Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија“.кога со непристоен речник, употребувајќи најразлични пцости, вршел притисок врз службите во Собранието. Дополнително, во неговиот мандат, сѐ со цел исполнување на коалиционите договори Џафери постапувал како пратеник на власта, а не како претседател на Собранието.