Производството во најголемата фабрика за чоколади во светот беше прекинато откако беше откриена бактеријата салмонела. Фабриката доставува чоколадни производи за мултинационални клиенти, вклучувајќи ги Херши, Монделез, Нестле и Унилевер, пренесува британски „Метро“.
Со неа управува швајцарскиот гигант „Бари Калебут“ во белгискиот град Виезе, кој произведува и продава на големо течно чоколадо за 73 клиенти. Портпаролот на компанијата денеска изјави дека ќе бидат контактирани сите клиенти кои добиле контаминирана чоколада.
„Сите производи направени од тесто се блокирани. Производството на чоколадо во Виезе останува суспендирано до понатамошно известување“, изјави портпаролот Корнил Варлоп.
Тоа доаѓа само неколку месеци откако на семејствата во Велика Британија им беше кажано да ги исфрлат сите Киндер јајца што ги имаат дома поради ризикот од салмонела. Во Велика Британија 70 деца се разболеле од труење со храна.
Истрагата покажа дека примероците се совпаѓаат и дека станува збор за истиот вид на салмонела.
Беше известена белгиската агенција за безбедност на храна AFSCA, а портпаролот изјави за AFP дека отворила истрага.
Швајцарската групација „Бари Калебут“ е број еден во светот, со годишна продажба од 2,2 милиони тони во текот на финансиската година 2020-2021. Во текот на изминатата финансиска година, компанијата, чие седиште е во Цирих, оствари нето добивка од 331 милион фунти.
Компанијата вработува повеќе од 13.000 луѓе и има повеќе од 60 производствени локации низ светот.