Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска објави на Твитер дека го поздравува новиот француски предлог за кревање на бугарското вето и почнување на преговори на Македонија со ЕУ.
-Го поздравувам решението на француското претседателство за договор што ќе го отвори патот за започнување на пристапните преговори со ЕУ на Северна Македонија. Решението се однесува на изразената загриженост. Најблиску сме што некогаш сме биле досега: сега е моментот да се каже „да“, напиша Мишел.
Во текот на денот, францускиот претседател Емануел Макрон од Мадрид изјави дека најдено компромисно решение за преговорите за членство на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ), кое ќе ја задоволи и Бугарија.
„Мислам дека најдовме компромисно решение“, рече Макрон на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Бугарскиот парламент на 24 јуни годинава донесе одлука за „укинување на ветото“ за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, поддржувајќи го францускиот компромисен предлог за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје.