Туркајте ја својата земја напред, добро е да бидете на европскиот пат, да се отвораат можности за привлекување на инвестиции, порача претседателот на Србија, Александар Вучиќ во интервју за телевизијата Сител во однос последниот француски предлог за деблиокада на европскиот пат на земјава.
– Што ви е алтернативата? Дали ќе ве оптоваруваат на секое следно? Секако. Ќе прашуваат Бугарите за нешто, ќе прашуваат други за нешто друго. Секогаш нешто ќе се најде. Но, туркајте ја својата земја напред. На крајот дали некој ќе ви отвори кластер повеќе или кластер, помалку не е суштинско прашање, не е најважно. Но, добро е да бидете на европскиот пат, добро е да се отвораат можности за привлекување на инвестиции. Тоа е важно, тоа е добро, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ смета дека иако ќе има пречки на европскиот пат треба да се решаваат и отстрануваат една по една и дека европскиот предлог не треба да се отфрли пред да се размисли добро за националните интереси.
– Јас нормално не можам да ви кажам дали предлогот е добар или не, тоа нека го одлучат луѓето во Македонија. Јас можам само една работа да кажам, кога го прифаќавме Бриселскиот договор 2013 година, тоа беше многу тежок договор за нас со многу ставки за кои луѓето во Србија не сакаа ни да слушнат ни да ги прифатат. Македонските граѓани, пак ќе кажам тие подобро знаат од мене дали е нешто добро или не за националните интереси на нивната земја. Само ги молам луѓето да размислат, да размислат да не прифаќаат или да не отфрлаат нешто априори, истакна Вучиќ.
Вучиќ посочи дека премиерот Димитар Ковачевски жестоко ги бранел позициите на земјава на Самитот во Брисел.
– Јас можам да посведочам на искрената борба на Ковачевски во Брисел за својата земја и својот народ, рече Вучиќ.