Ангелов: „Да“ за ЕУ, но „не“ по секоја цена

од Vladimir Zorba
148 прегледи

„Достоинство има различен став со СДСМ за можноста за прифаќање на т.н. модифициран француски предлог во кој се прифатени повеќето непринципиелни и нечесни барања на Бугарија кон Македонија, посебно кон нас Македонците“, пишува на својот Фејсбук профил лидерот на партијата и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов.

„Мене лично особено ме иритира тоа што убедливо мнозинство Бугари, од кои повеќето сакаат да се прикажуваат како наши браќа, даваат неспорна поддршка на бугарскиот Парламент и бугарската Влада за блокадата на Македонија на патот кон ЕУ. Барем така кажуваат честите анкети за испитување на јавното мислење во Бугарија. Претпоставувам тие се свесни дека со оваа блокада директно ги оневозможуваат придобивките за Македонија кои би се појавиле со самиот почеток на преговорите со ЕУ. На тој начин бугарските граѓани посредно, преку нивниот Парламент и Влада, придонесуваат Македонците и сите македонски граѓани да живеат полошо отколку кога Македонија би добила датум и би ги започнала преговорите со ЕУ.

Значи, мнозинството од нашите бугарски “браќа” се согласни нивните “браќа“ Македонци да трпат голема штета само затоа што мислат и чувствуваат поинаку од нив. Само затоа што мислат, зборуваат и се чувствуваат како Македонци. Сакам да верувам дека сепак нашите браќа Бугари, насочени од делови од бугарските интелектуални кругови, ќе се одважат и на вонредните парламентарни избори, тајно, зад гласачките паравани, повторно ќе ги казнат нивните најгласни политичари кои го подгреваат бизарниот спор против Македонија и Македонците исто како што направија со партијата на шовинистот Красимир Каракачанов – ВМРО БНД, која на последните избори беше дискфалификувана од бугарската политичка сцена.

Од друга страна, како политичар кој повеќе од 10 години опстојува на македонската политичка сцена, во име на доброто на народот и на државата, иако не се согласувам, јас би можел да се соочам дури и со овие непринципиелни и понижувачки услови кон нас Македонците – но само во случај доколку на Македонија ѝ беше одобрен чист, неспорен и неусловен датум за почеток на преговорите, со кој најпосле ќе започнеа пристапните преговори со ЕУ. За жал, со модифицираниот францускиот предлог Македонија може да смета на реален почеток на преговорите за членство во ЕУ дури откако Бугарите ќе бидат внесени во нашиот Устав, уставна измена за која е потребно двотретинско мнозинство, кое, ако се земат предвид категоричните изјави на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, е невозможно да се обезбеди.

Почетокот на преговорите, дури и под исклучително неповолни услови за нас, на Македонија би ѝ овозможил влез во дворот на ЕУ, кога би била принудена да изврши сериозни, реални, длабоки државни реформи, но воедно би имала пристап и до значителни европски финансиски фондови кои би ни помогнале да ја зајакнеме нашата држава одвнатре, во сите сегменти. Свесен дека можноста да влеземе внатре во ЕУ е прилично мала и неверојатна, не само поради бугарските кочници кои се уфрлени во некои компоненти на модифицираниот француски предлог, туку и поради неискрената политика на некои од клучните држави членки на ЕУ кои декларативно се, но реално не се расположени за можноста држави од Западен Балкан да станат дел од европското семејство.

Токму затоа, „да“ за ЕУ но „не“ по секоја цена. За нас во Достоинство ЕУ нема алтернатива и преговорите со Бугарија мора да продолжат сè до наоѓањето на некое пристојно и прифатливо решение. Но, ваков каков што е, модифицираниот француски предлог е неприфатлив за мене како човек но и за нас како политичка партија Достоинство. Воедно, како неформален лидер на поголем дел од македонските бранители, одговорно тврдам дека за нас македонските бранители кои во 2001-та се боревме и крваревме за татковината Македонија, овој предлог е неприфатлив.
Со самото тоа што немаме ниту еден собраниски пратеник, ниту владин министер, ниту општински советник, влијанието на Достоинство во носењето на крупните политички одлуки на Владата е безначајно и од нас не зависи буквално ништо. Претпоставувам дека сепак, како мала но стегната политичка партија која произлезе од македонските бранители од 2001-та, најмногу преку мене како претседател и репрезент на Достоинство, имаме одредено влијание врз креирањето на јавното мислење и тука завршува нашата политичка моќ. Затоа овој наш јасно изграден став не треба да се толкува како напад врз власта во која партиципираме и ние самите, туку како отворен и конструктивен придонес во широката јавна расправа бидејќи, како што впрочем соопшти и самата Влада, одлуката за иднината на земјава треба да се донесе заеднички, мериторно и со согласност на сите клучни политички фактори.

Во секој случај, доколку нашиот јасно изграден став за т.н. модифициран француски предлог ѝ нанесува неприфатлива штета на Владата, подготвен сум да ја понудам мојата оставка на позицијата директор на Центарот за управување со кризи, а со тоа и на позициите раководител на Главниот штаб за управување со кризи, раководител на Групата за процена и член на Управувачкиот комитет. Во спротивно, Достоинство и понатаму останува дел од владејачката коалиција задржувајки го правото на јавно искажување на различни ставови за одредени општествени настани, процеси или состојби, додека јас како владин функционер и понатаму максимално професионално ќе продолжам да го предводам кризниот менаџмент“, пишува Ангелов.

Слични содржини