Американскиот претседател Џозеф Бајден оцени дека целта на неговата посета на Саудиска Арабија е „зајакнување на стратешкото партнерство засновано на заеднички интереси и одговорности, притоа почитувајќи ги основните американски вредности“.
„Знам дека многу луѓе не се согласуваат со мојата одлука да заминам во Саудиска Арабија. Моите позиции за човековите права се јасни, а основните слободи се секогаш на дневен ред кога патувам, а ќе бидат и за време на ова патување“, вели американскиот претседател во текстот што синоќа го објави „Вашингтон пост“.
Американскиот претседател во вторник оди во Израел, а во петок во Џеда во Саудиска Арабија.
Мојата работа како претседател е да гарантирам дека земјата е цврста и безбедна, пишува демократскиот претседател, наведувајќи ја потребата да се „спротивставиме“ на Русија, да бидеме во „најдобра можна позиција“ во однос на Кина и да обезбедиме „поголема стабилност“ во Блискиот Исток..
„За да ги направиме овие работи, мораме да имаме директен однос со земјите кои можат да придонесат за тоа. Саудиска Арабија е една од нив“, рече Бајден.
Плановите на Бајден да ги подобри врските со Саудиска Арабија, земја за која тој пред да биде избран за претседател рече дека треба да биде изолирана од меѓународната заедница поради убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, се на удар на критики.