Новак Ѓоковиќ стана шампион на „Вимблдон“ по седми пат! Најдобриот српски тенисер успеа да се избори за титулата на лондонскиот Гренд слем, победувајќи го во финалето Ник Кирјос во четири сета.
Со ова тој се доближи на само една титула зад Роџер Федерер на „Вимблдон“, а исто така сега е и еден трофеј зад Рафаел Надал по бројот на освоени Гренд слем трофеи.
Новак беше особено емотивен по освојувањето на титулата, дури пушти неколку солзи додека седеше на клупата и го чекаше својот момент да одржи говор пред бучната публика.
– Да, Ник ќе се вратиш. Не само на „Вимблдон“ туку и во финале на Гренд слем. Знам дека е тешко да се најдат зборови за утеха после пораз, но покажа зошто го заслужи тоа и зошто си еден од најдобрите играчи на оваа подлога. Се најдобро за тебе и твојот тим. Навистина многу те почитувам, ти си одличен играч и спортист, тоа го слушаш со години, сега сè се собра и ќе видиме повеќе од тебе во финалето на Гренд слемовите. Никогаш не мислев дека ќе кажам толку многу убави работи за тебе, со оглед на нашата врска. Сега тоа е дефинитивно броманса, изјави Србинот на шега.
Тие пред почетокот на ова финале си ветија дека победникот ќе почести вечера. Односно, Кирјос сакаше нешто повеќе – излегување во ноќен клуб.
– Еве сега кога изгуби… Не знам дали ќе успееме вечерва или некоја друга вечер, но мислам дека ова е почеток на една убава врска, пријателство надвор од теренот. Не одговорив на тоа (излегување), имаше жена до мене. Сепак, да пробаме со вечера и пијалоци.
Потоа се осврна на тоа колку му значи трофејот на „Вимблдон“.
– Ви благодарам многу. Ги изгубив зборовите да опишам што ми значи овој турнир на мене, тоа сум го кажал многу пати, тој секогаш бил и ќе биде посебен турнир во моето срце, кој ме мотивираше да играм тенис, на планина во Србија каде што моите родители го броеја резултатот. Го гледав Сампрас како ја освојува титулата во 1993 година, му реков на дедо ми да ми купи терен, знаев дека играњето на трева е најважно, само играњето беше големо, а не победувањето, секој пат кога доаѓам овде значи повеќе и јас навистина сум благодарен што повторно сум тука со овој трофеј, истакна тој.
Новак е непоразен на Централниот терен од 2013 година, а по победата им се заблагодари на најблиските пријатели, тимот, семејството, како и на ќерката Тара која дојде да му даде поддршка при доделувањето на трофејот.
– Да, ова место ме сака, се надевам. Ова е еден од најспецијалните тениски терени во светот. Кога и да излезам на него, кога тревата не е порасната, оваа година тренирав, се е фокусирано на играчите. Овој турнир има најголема историја, тој е најпрепознатлив во светот, благодарен сум што сум тука. Благодарност до тимот, семејството, родителите, ќерката…
Инаку, Новак и Јелена денеска слават годишнина од брак, па оваа победа е своевиден подарок за поубавата половина на најдобриот српски тенисер.
– Драга, среќна годишнина. Ова е мојот подарок за тебе, заврши Ѓоковиќ.