Маричиќ-Лудва: За чешкото претседателство остануваат приоритет нашите европски амбиции

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва, на која разговараа за приоритетите на претстојното шестмесечно чешко претседавање со Советот на Европската Унија, во контекст на процесот на проширувањето на Унија, почетокот на нашите долгоочекувани пристапни преговори, како и за актуелните геостратешки околности кои влијаат на мирот и безбедноста во Европа.

– За нас е особено важно што имаме партнер во нашата евроинтеграција, која имаме одлична можност да ја започнеме, со прифаќање на францускиот предлог, како Македонци кои говорат македонски јазик, рече на средбата вицепремиерот Маричиќ.

Амбасадорот Лудва истакна дека Чешка, останува и за време на своето претседавањето да е посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан и на реализација на нашите европски амбиции, како билатерално, така и преку мултилатерални канали, вклучувајќи ја и Вишеградската група (V4).

Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека остануваме стратешки партнер на ЕУ, со која имаме заеднички цели и интереси за зајакнување на мирот, демократијата и интеграцијата во Европа, а одлуката којашто заеднички ќе ја донесеме за иднината на земјата, според него ќе направи промена која несомнено ќе се почувствува и во регионот.

– Остануваме доследни на нашите национални интереси, затоа следниот чекор треба да биде валоризација на се она што досега како држава сме го вложиле. Да ја искористиме мудро и рационално оваа шанса и да дадеме шанса на младите идните генерации да уживаат во придобивките од европеизацијата на државата, додаде Маричиќ.

Слични содржини