Осудителни пресуди за дивите копачи и продавачи на културното наследство во предметот „Ниџе“

од Vladimir Zorba
211 прегледи

Предметот во врска со културното наследство познат во јавноста како „Ниџе“ за кој Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кон крајот на месец септември минатата година отвори истрага против осум лица, денеска во Основниот кривичен суд заврши со пресуда.

Имено, откако шестмина обвинети во фаза на оценка на обвинителен акт признаа вина и во месец мај годинава се спогодија со јавниот обвинител Маја Конеска, денес на главна расправа во Основниот кривичен суд – Скопје останатите двајца обвинети признаа дека сториле кривично дело – Злосторничко здружување и кривично дело – Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. Воедно, обвинетиот Б.К. призна дека сторил и кривично дело – Прикривање, а обвинетиот Н.Л. и кривично дело -Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. За кривичните дела што им се ставаат на товар, судот донесе пресуда со која на обвинетиот Б.К. му изрече единствена казна затвор во траење од четири години, додека на Н.Л. казна затвор во траење од една година и шест месеци.

Б.К. и Н.Л. како членови на група, заедно со организаторите и припадниците на групата кои се сега осудени, вршеле кривични дела против културното наследство во период од месец мај 2020 година до крајот на септември 2021 година. Во рамките на криминалната група секој од припадниците на групата имал точно дефинирана улога според која дејствувал. Заедничката цел на групата била илегално истражување, копање на археолошки локалитети на македонската територија, прикривање во сопствените домови, нудење на продажба на заинтересирани купувачи и продавање на добра – културното наследство сопственост на РС Македонија.

Б.К. како припадник на групата, за да придонесе во заедничката цел на групата, во сопствениот дом прикривал археолошки предмети илегално ископани од археолошки локалитети и ги нудел на продажба на заинтересирани купувачи од странство. Обвинетиот Н.Л. пак, без дозвола од надлежен државен орган вршел истражување на археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости, недозволено ископувал, присвојувал и нудел на продажба добра, споделувал информации и возвратно добивал координати од НН припадници на групата од други земји.

За останатите обвинети, во месец мај годинава, судот донесе Пресуди врз основа на предлог спогодби со кои обвинетите ги огласи за виновни и им изрече казни и тоа:

– Д.Р. како организатор на криминалната група е осуден на единствена казна затвор во траење од пет години за сторени кривични дела – Злосторничко здружување, Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и Прикривање ;
– К.Т. како организатор на криминалната група е осуден на единствена казна затвор во траење од четири години за сторени кривични дела – Злосторничко здружување, Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости;
– На З.Т., С.К., П.М. и Ѓ.П. судот им определи алтернативни мерки условни осуди за сторени кривични дела – Злосторничко здружување и Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, Ѓ.П. освен за погоре наведените кривични дела е осуден и за Прикривање. За З.Т. и С.К. е утврдена единствена казна затвор во траење од една година и два месеци која казна нема да се изврши доколку обвинетите во рок од четири години не сторат ново кривично дело, додека за П.М. и Ѓ.П. е утврдена единствена казна затвор во траење од една година и еден месец која казна нема да се изврши доколку обвинетите во рок од четири години не сторат ново кривично дело.

Одземените предмети и добра, како и средствата со кои осудените ги извршиле кривичните дела со одлука на судот се одземаат.

На денешното рочиште одбраната на обвинетите во завршните зборови истакна дека обвинителството спроведе една исклучително комплексна постапка и откри околности кои се посебно актуелни и дека во овој предмет и пред донесување на одлука на судот во голема мера освен специјалната превенција постигнати се и целите на генералната превенција бидејќи постапката извршила исклучително позитивно влијание кај пошироката општествена заедница во насока на спречување на извршување на кривични дела од ваков вид.

Слични содржини