Потрагата по Мартин влезе во петти ден: На помош доаѓаат куче спасувач и дронови

од Vladimir Zorba
448 прегледи

Властите и волонтерите во Грција се уште трагаат по Мартин Јовановски (31) од Македонија, кој исчезна во саботата на плажата Посиди на Халкидики. Двајцата негови пријатели веќе се пронајдени.

Според информациите на грчкиот портал Voria.gr, две воздушни беспилотни летала OFCATH и куче спасител со тренерот Марио Арманиду денеска влегуваат во борба за лоцирање на Мартин, кој заминал во Грција на одмор.

Воедно ќе продолжат со работа и пешадиските спасувачки единици.

Беспилотните летала ќе ја пребаруваат областа кон Аја Параскеви бидејќи до неа не може да се стигне со подводниот дрон.

Пристанишните власти продолжуваат со пребарување на бродот за да го лоцираат младиот човек, иако е поминат третиот законски 24-часовен рок.

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас му вети на својот колега од земјава, Бујар Османи дека истрагата ќе продолжи, јавуваат грчките медиуми.

Братот на Мартин објави текст на социјалните мрежи, во кој ја опишува страшната голгота низ која поминува тој и остатокот од семејството.

Тој меѓу другото се заблагодари на конзулатот на земјава во Солун за координирање на истрагата и на спасувачите на OFCATH за постојаната помош во потрагата на отворено море.

-Мојата мајка и нашето семејство и пријатели се уште веруваат и се надеваат дека Мартин е жив – рекол братот на исчезнатиот млад човек, повикувајќи да продолжи истрагата.

Да потсетиме, голема драма се случи во саботата попладне откако тројца пријатели од Македонија исчезнаа за време на нивниот одмор во Грција.

Тие беа повлечени од силни струи во Посиди на Халкидики. Првиот од нив, Васил, беше спасен по неколку часа, додека Иван беше извлечен откако, како што рече, поминал повеќе од 20 часа во вода. Преживеал држејќи се за топка што случајно ја нашол во морето.

Двајцата рекоа дека се молат за нивниот пријател и се надеваат дека тој е жив.

Слични содржини