Првиот случај на зараза со мајмунски сипаници е откриен и во Босна и Херцеговина, соопштија од Клиничкиот центар во Сараево, каде што се направени лабораториски испитувања на маж поради сомневањето за оваа болест.
Директорката на Клиничкиот центар, Себија Изетбеговиќ за Фактор изјави дека заразениот во вторникот бил примен на Инфективната клиника, а лабораториските тестови потврдиле дека заболел од мајмуни сипаници.
„Вчера беа земени соодветни примероци и испратени на понатамошна микробиолошка обработка, а резултатите добиени денеска го потврдија првобитното сомневање“, изјави Изетбеговиќ.
Мајмунските сипаници првично се појавија во Африка, а случаи на инфекција кај луѓето веќе се регистрирани во голем број европски земји.
Заразените обично имаат поблаги симптоми, но Светската здравствена организација (СЗО) препорача преземање превентивни мерки за да се запре ширењето на инфекцијата.