Министерката за одбрана, Славјанка Петровска порача дека денешното обраќање пред пратениците на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претставува потврда дека Европската комисија отсекогаш била докажан партнер на патот на нашиот евроинтегративен процес.
-Уште еднаш беше потврдено – за ЕУ ние сме Македонци, македонскиот идентитет е почитуван во ЕУ заедно со македонскиот јазик, без модификации, кој ќе стане официјален јазик на ЕУ, истакнува Петровска.
Таа додава дека Македонија достигна историски моменти во своето долго и со предизвици полно патување кон нејзината евроатлантска иднина.
-Многупати се соочивме со блокади и одложувања, со предизвици по однос на македонскиот јазик и идентитет, но истрајавме и се заштитивме во суштинскиот дел од тоа што нѐ прави нација. Многу влади и генерации повеќе од две децении работеа и сѐ уште работат на пристапувањето кон ЕУ и сите овие чинители копнеат да ги видат придобивките што произлегуваат од активниот процес на пристапување кон ЕУ и користењето на правата како земја членка на ЕУ. Внатре во преговарачкиот процес придобивките ќе се акумулираат во секоја област. Тоа го очекуваат младите, да градиме иднина дома, да ја отвориме вратата кон подобар живот!, објави Петровска.