Зеленски: Русија треба официјално да биде призната како терористичка држава

од Stefanija Kuzmanovska
194 прегледи

Денес го упатувам ова обраќање не до Украинците и Украинките, како обично, туку до нашите партнери. На демократскиот свет. Овој ден повторно докажа дека Русија треба официјално да биде призната како терористичка држава. Ниту една друга земја во светот не претставува таква терористичка закана како Русија. Ниту една друга држава во светот не си дозволува секој ден да уништува мирни градови и обичен човечки живот со крстосувачки ракети и млазна артилерија, порача украинскиот претседател Владимир Зеленски во своето обраќање.

Во продолжение ви го пренесуваме неговото обраќање во целост.

„Како резултат на само еден ракетен напад врз нашиот град Виница, загинаа 23 лица. Три деца до десет години. И ова, за жал, сè уште не е конечната бројка. Во тек е анализа на урнатините. Десетици лица се водат како исчезнати. Меѓу хоспитализираните има тешко повредени.

Една од ракетите го уништи медицинскиот центар „Неуромед“. Внатре имаше луѓе. Наталија, таа има 40 години. Татјана, таа има 32 години. Володимир, тој има 61 година. Вира, таа има 55 години. Ги видов нив меѓу исчезнатите. Разбирате, не се ни знаеше што се случи со луѓето кои едноставно отидоа во медицинскиот центар…

А ако некој изврши ракетен напад врз медицински центар во Далас или Дрезден, не дај Боже, како би го нарекле тоа? Зарем немаше да го наречат тероризам?

Меѓу загинатите денес во Виница има и девојче, имаше четири години, се викаше Лиза. Детет од четири години! Нејзината мајка е во критична состојба…

Русија му стави крај на животот на девојчето токму во моментот кога во Холандија, во Хаг, се одржуваше конференција за руските воени злосторства. Конференција на која беше одлучено што треба да се направи за да биде казнет секој руски војник.

Можете ли да се сетите на некоја друга терористичка организација која би си дозволила таква дрскост? Да убие токму кога нејзините претходни злосторства се предмет на меѓународна дискусија.

Русија на тој начин го покажа својот став кон меѓународното право, кон Европа и кон целиот цивилизиран свет. После тоа, никој не може да се сомнева дека е потребен Специјален трибунал за руската агресија врз Украина што е можно поскоро. Исто така, што е можно поскоро треба да се имплементира посебен механизам за компензација, со помош на кој сите руски средства и средства во сите земји во светот треба да бидат конфискувани и насочени кон обесштетување на жртвите на рускиот терор.

Апсолутно е неопходно што поскоро да се спроведат такви ограничувања против рускиот извоз на енергија, што нема да им дозволи на терористите да ги покриваат своите трошоци на сметка на меѓународната заедница.

И сакам да нагласам: сето тоа ѝ е потребно не само на Украина, не само на нашите граѓани, чии животи се под закана од рускиот терор. Ова ви е потребно на сите вас, на секој во светот кој барем малку го цени човечкиот живот.

Теророт е вирус. И ако некој од терористите остане неказнет, тоа само ги охрабрува другите.

Утрово во Кијив се одржа церемонија на доделување награди на нашите бранители кои ја добија титулата Херој на Украина. Ордените „Златна ѕвезда“ им ги врачив на нашите војници, како и на роднините на оние војници кои постхумно ја добија титулата Херој.

Севкупно, за време на војната од големи размери од 24 февруари, титулата Херој беше доделена на 157 Украинци, меѓу кои 75 постхумно. На повеќе од 23 илјади наши бранители и бранителки им беа доделени државни награди, повеќе од 3,5 илјади – постхумно.

Стотици илјади наши војници го задржуваат рускиот напад секој ден и секоја ноќ. Украинците го даваат еден од најзначајните придонеси во историјата во борбата против тероризмот. И ние сме им благодарни на сите што ни помагаат. На секоја држава, меѓународни структури, јавни здруженија ширум светот, чесен бизнис, секој нерамнодушен човек.

Но, дојде време демократскиот свет да го вгради сето ова во соодветни правни инструменти. Статус на терористичка држава за Русија.
Специјален суд за руска агресија. Посебен механизам за компензација кој ќе ги насочи средствата на терористичката држава кон оние кои сакаше да ги уништи. И, се разбира, нови санкции за теророт. Потребни се и нови санкции што е можно поскоро.

И, за крај. Сакам тимот на онаа подморница од која денес полета „Калибар“ над Виница, да знае со сигурност дека затворот е најдоброто што ги чека.

Вечен спомен на сите жртви на рускиот терор!

Вечна слава на секој и секоја кои го бранат нормалниот мирен живот!

Слава на Украина“, истакна Зеленски.

Слични содржини