Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш, повтори Фон дер Лајен на Твитер

од Nikola Popovski
154 прегледи

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лајен денеска повторно испрати порака на социјалната мрежа Твитер, поврзана со македонскиот јазик.

„Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Ние целосно го почитуваме тоа“, напиша шефицата на ЕК. Заедно со ова, Фон дер Лајен го ретвитна и делот од своето вчерашно обраќање во Парламентот во Скопје.

Ова следува после прес-конференцијата на портпаролката на ЕК, Дана Спинант. Таа денеска како одговор на прашање изјави дека вчерашните зборови на Фон дер Лајен во македонското Собрание значат дека таа зборува за „јазикот користен од луѓето во Северна Македонија, што таа го нарекува македонски јазик“.

По ова, таа беше прашана дали тоа значи дека ЕУ го признава македонскиот јазик, а Спинант одговори дека нема да навлегува во толкување на изјавата на Фон дер Лајен.

Таа вчера истакна дека дека македонскиот јазик е заштитен во предлог-преговарачката рамка, а историјата не е услов за преговори.

„Почитувани Македонци, внимателно слушам. Ја слушав загриженоста во однос на македонскиот јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик, ние целосно го почитуваме тоа. Затоа по ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификации од ЕУ. Предлогот го почитува и вашиот национален идентитет. Принципот на самоидентификација е важен за секој од нас“, категорична беше Фон дер Лајен.

Слични содржини