Илјадници пожарникари и денеска продолжуваат да се борат со пожарите во Португалија, Шпанија и Франција.
Топлотниот бран не покажува знаци на намалување, пишува Би-Би-Си.
Португалските власти соопштија дека најмалку 238 лица загинале од горештините во текот на изминатата недела, а во северна Португалија еден пилот загинал кога неговиот авион се урна во близина на шпанската граница.
Пожари беснеат во југозападниот француски регион Жиронд, каде што се евакуирани повеќе од 12.000 луѓе.
Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и траат подолго поради климатските промени предизвикани од луѓето, велат експертите.
Француската метеоролошка служба денеска прогнозираше температура до 41 степен во јужните делови на земјата, а за утре се предвидуваат нови топлотни рекорди.
Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин рече дека пожарите досега уништиле 10.000 хектари земја и ја пофали „извонредната храброст“ на пожарникарите.
Од вторникот температурите се искачија на 47 степени во Португалија и над 40 во Шпанија, сушејќи ја вегетацијата и дополнително го разгорија пожарот.
Португалските метеоролози предвидуваат дека температурите ќе продолжат да се движат над 40 степени пред да почнат да опаѓаат следната недела.
Жешките точки на пожарите во Португалија се североисточно од градот Порто.
Пожарите уништија 30.000 хектари земја во таа земја оваа година, што е најголема површина од летото 2017 година, кога беше опустошена Португалија
Во пожарите загинаа околу 100 луѓе.
Во јужниот дел на Шпанија, посетителите на плажите во градот Торемолинос гледаа големи облаци од чад што се издигнуваат на ридовите, каде што неколку авиони го гасеа пожарот.
Од пожарите беа зафатени и други делови од Медитеранот, а во Италија владата прогласи вонредна состојба во пресушената долина на реката По.
Во Грција, пожарникарите гаснат пожари во областа Фериза, на околу 50 километри југоисточно од Атина и во близина на Ретимно, на северниот брег на Крит. Седум села се евакуирани во околината на тој град.