Розберг: Шумахер не е подготвен да се натпреварува за врвен Ф1 тим

од Vladimir Zorba
223 прегледи

Во текот на изминатите три тркачки викенди, Мик Шумахер покажа напредок во своите перформанси, а само техничките проблеми во Канада го спречија да направи три трки по ред за да освои поени.

Ниту тоа, сепак, не е доволно за да го убеди светскиот шампион од 2016 година, Нико Розберг дека е подготвен да се натпреварува во голем тим на предниот дел од колоната. Самиот Розберг соработуваше со таткото на Мик, Михаел при враќањето на седумкратниот шампион во Формула 1 во Мерцедес помеѓу 2010 и 2012 година.

„Мик имаше тешки неколку недели и мило ми е што сега напредува. Формула 1 се движи многу брзо. Мораше да трпи многу критики. Сега кога ги отворам весниците не гледам никаква критика кон него. Тоа е лудото нешто во нашиот спорт, но тоа е доброто кај Мик. Психолошки тоа е многу важно за него бидејќи ќе може да влезе во позитивен тренд кој ќе му користи на следните трки“, изјави Розберг за Еуроспорт.

„Сепак, мислам дека му треба повеќе време за да се развие. Неодамнешните трки го покажаа тоа. Затоа би било логично да почека малку пред да се пресели во топ тим. Ова го видовме со Џорџ Расел, кој три години возеше за Вилијамс и одлично се подготвуваше за неговата преселба во Мерцедес. Нема потреба од брзање“, додаде светскиот шампион од 2016 година.