Сакам да се заблагодарам и да му честитам на комесарот Вархеји за сите негови напори од почетокот на неговиот мандат за да дојдеме до денешниот ден. Без вашата помош и поддршка немаше да бидеме денес тука. Се заблагодарувам и во името на нашата Влада и во името на нашите граѓани, вака вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на македонски јазик се обрати на состанокот за отпочнување со процесот со скринингот.
Маричиќ истакна дека С. Македонија заслужено е денес тука и почнува со скринингот.
-Во сите години поминати во чекалната, никогаш не отстапивме од зајакнувањето на нашите институции и административни капацитети. Континуирано ги зголемуваме нашите капацитети на преведување правото на ЕУ на македонски јазик и само минатата година преведовме 17.000 страници од ЕУ-законодавството. Чекорите што ги презедовме се цврста основа за предизвиците што ќе дојдат понатаму во процесот, рече вицепремиерот.
Тој во своето обраќање додаде дека предлага да се одржат дополнителни состаноци на техничко ниво со претставници од ЕУ со нашата админстрација, каде што дополнително би се презентира како ќе се применува новата методологија за пристапување.
-Процесот на скрининг претставува суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи ќе ни даде јасен преглед каде стоиме и што треба да направиме во годините што следат. Објаснувачкиот скрининг не е новина за нашите институции. Убеден сум дека врз основа на научените лекции ќе ни биде полесно да се подготвиме за ажурирање на правото на ЕУ. Како потпретседател на Владата за европски прашања, ќе ги насочиме нашите напори за непречен тек на преговорачкиот процес, преку мобилизација на администрацијата, бидејќи таа се смета за столб на овој процес. Главниот товар на преговорите ќе биде врз нашата администрација. Дополнително ќе ги зголемиме капаицитетите за преведување на правото на ЕУ на македонски јазик и јазична и стручна ревизија на преведените акти на ЕУ, истакна меѓу другото Маричиќ.