Русија „работи на анексија на украински територии“ кои се под нејзина контрола во последните месеци и го користи истиот метод како и за Крим во 2014 година, објави Белата куќа.
Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби на прес-конференција изјави дека Русите се подготвуваат да инсталираат службеници блиску до Москва, да ја воспостават рубљата како валута и да ги принудат жителите да аплицираат за руско државјанство. Тој исто така додаде дека Русија се обидува да ја преземе контролата врз предавателите.
Кирби најави и дека во следните неколку дена САД ќе пуштат нов пакет оружје за Украина, која се бори против руската офанзива на исток. Се очекува новата воена помош да вклучува мобилни ракетни фрлачи, како што е ХИМАРС, и муниција за повеќе ракетни системи, како и артилериска муниција, пренесува Ројтерс повикувајќи се на неименувани извори.