Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте продолжува да гради тим, а неговата надеж е дека наскоро „мамузите“ ќе бидат на ниво што ќе им овозможи да се борат за титулата. Споменувањето на трофејот предизвикува насмевка на лицето на Италијанецот. „Сакате да ја освоиме титулата. Да, да. Разбирам, но реалист сум“, беше неговиот одговор на оваа тема.
Тотенхем не е крунисан за шампион веќе 61 година, а навивачите не се сеќаваат кога последен пат биле во борба за првото место. Сепак, Конте им дава надеж на поддржувачите. Ја има освоено титулата со секој голем клуб за кој работел. По три титули со Јувентус, тој стана шампион на Англија во својата прва сезона во Челси, откако „сините“ завршија десетти претходната сезона. Неодамна го предводеше Интер до титулата, со што стави крај на доминацијата на Јувентус.
„Интер создаде разлика со Јувентус од повеќе од 20 бода. Во првата сезона ја намаливме таа разлика, во втората победивме, но во Италија имаше само еден тим со кој требаше да се бориме. Тука има многу тимови: Ливерпул, Манчестер Сити, Челси. Челси минатата година ја освои Лигата на шампионите. Да не го заборавиме Манчестер Јунајтед, тие се силни и Арсенал, кој е активен на трансфер пазарот“, изјави стручњакот.
„Тоа ќе биде тешка и возбудлива сезона. Мојата цел е да бидам конкурентен. Мојата цел е кога другите тимови ќе излезат против Тотенхем, да не се исплашат, туку да бидат малку загрижени. Имам група играчи кои треба да го направат следниот чекор. Тимот треба да се развива заедно, но во исто време играчите да одат на друго ниво. Имаме млад тим. Многу од играчите можат да играат за Тотенхем три или четири години заедно. Се трудиме да изградиме цврста основа, потоа чекор по чекор да се подобруваме и на крајот да се бориме за нешто важно“, додаде Италијанецот.
Конте очигледно работи со долгорочна стратегија и во оваа фаза покажа дека има намера да остане уште долго во клубот. Тој доби поддршка од претседателот Даниел Леви за да го изгради тимот што го сакаше. Во зима од Јувентус беа доведени Дејан Кулушевски и Родриго Бентанкур, а летово за нови засилувања беа дадени околу 100 милиони. Во клубот пристигнаа Ричарлисон, Иван Перишиќ, Ив Бисума, Фрејзер Форстер, Клемент Ленгле и Џaд Спенс.
„Сакаме да растеме со амбиции. Не е лесно за еден клуб да влезе на трансфер пазарот и да донесе играчи како Перишиќ, Ленгле, Ричарлисон. Засега мислам дека паметно инвестираме. Имаме добар преоден рок, но и другите се засилуваат“, додаде тој.