Се повеќе Европејци се свртуваат кон употребата на електрични автомобили. Учеството на овој тип возила во регистрациите на нови автомобили во Европа во периодот април – јуни порасна на 9,9%, покажуваат податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), цитирани од Ројтерс.
За споредба, учеството во истиот период лани изнесуваше 7,5 отсто.
Иако бензинските и дизел автомобилите останаа најголем удел со 55,8%, нивната продажба падна за повеќе од една петтина. За споредба, во вториот квартал од минатата година нивното учество изнесуваше 62%.
Истовремено, продажбата на електрични возила е зголемена за 11,1 отсто, достигнувајќи 233.413 продадени единици.
Меѓу главните пазари во регионот, за позитивните податоци придонесоа Шпанија и Франција, кои забележаа двоцифрен раст од 22% и 18,6%, соодветно. Од друга страна, Италија забележа значителен пад од 19,6%, а Германија благ пад од 0,5%.
За периодот што се разгледува, plug-in хибридите (PHEV) го проширија својот удел и покрај падот на продадените единици од 12,5% на 206.501 автомобил. Со исклучок на Шпанија (раст од 11,3%), сите клучни пазари забележаа пад во оваа категорија – Франција од 17,4%, Германија од 16,9% и Италија од 6,9%.
Продажбата на хибриди (HEV) е намалена за 2,2%, но поради падот на автомобилите со конвенционално гориво, уделот на овој тип возила – чија продажба ги надмина дизел автомобилите продадени за прв пат во 2021 година – достигна 22,6 проценти. Четирите главни пазари објавија мешани перформанси за оваа група. Франција (7,2%) и Шпанија (2,7%) забележаа пораст, додека Италија (-9,3%) и Германија (-6,5%) – пад.
Регистрациите на возила со природен гас (NGV) паднаа за повеќе од 60 проценти на 4.983 продадени единици за тој период. Главна причина за тоа е намалувањето забележано во Италија, на коe отпаѓа голем дел од продажбите во регионот.
Проблемите со синџирите на снабдување, како и тековниот недостиг на чипови ги намалија регистрациите на нови автомобили на нешто повеќе од 1,06 милиони возила, покажаа податоците на АСЕА објавени претходно оваа недела.
Ова е најмалиот број на регистрации за јуни од 1996 година.