Европската унија го одобри новиот, седми пакет санкции против Русија, чија цел е проширување на сегашните економски ограничувања, унапредување во нивното спроведување и зголемување на ефикасноста, објавено е на веб-страницата на Советот на ЕУ.
Според најавата, новите санкции на ЕУ ќе ја прошират листата на производи кои Русија може да ги користи за зајакнување на својот воен и технолошки потенцијал.
– Пакетот санкции ја проширува и листата на контролирани стоки, кои можат да придонесат за зајакнување на воениот и технолошки потенцијал на Русија или развој на нејзиниот безбедносен и одбранбен сектор, а со тоа ја зајакнува контролата на извозот на стоки со двојна употреба и напредни технологии- стои во соопштението.
Исто така, беше објавено дека ЕУ, за да спречи какви било негативни последици за безбедноста на храната и енергијата во светот, го иззема од санкции бизнисот со бројни руски државни претпријатија во областа на земјоделските производи, како и транспортот на нафта до трети страни.
– Ниту една мерка донесена денес или порано (против Русија) на кој било начин не е насочена кон трговија со земјоделски и прехранбени производи, вклучително и пченица и ѓубрива, меѓу трети земји и Русија – се наведува во документот.
Санкциите, исто така, не забрануваат купување лекови или медицински производи од Русија од трети страни или нивни граѓани кои живеат надвор од ЕУ.
Новите ограничувања вклучуваат забрана за купување, извоз или директна или индиректна продажба на злато, доколку тоа потекнува од Русија и ако потоа било извезено од Русија во ЕУ или во која било трета земја. Беше прецизирано дека забраната важи и за накит.
– Ние, всушност, ѝ забрануваме на Русија да го извезува највредното нешто што го има по енергијата – руското злато – истакна шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел.
Според наводите, санкциите предвидуваат замрзнување на имоти, како и забрана за патување во земјите на ЕУ.
Како што е најавено, санкциите ќе стапат на сила по објавувањето во Службениот весник на ЕУ, што се очекува наскоро.
Претходно на сајтот на британската влада беше објавено дека Велика Британија воведе санкции за увоз на злато од Русија, а ќе воведе и забрана за увоз на јаглен и нафта.