Енергетската криза и справување со нејзе е како онаа народната со штурецот. Си свиркаме ние како штурецот и се обидуваме на мала врата да протнеме состојба на енергетска криза, за да може власта да си склучува договори во четири очи и да краде, обвинува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека е против прогласување кризна состојба во енергетиката.
-Ќе зборувам и со пратениците најпрвин да видиме каде отидоа парите на граѓаните во изминатиот период под превезот на енергетската криза. Сакам прво да видам каде отидоа народните пари, а потоа можеме да зборуваме за поддршка за кризна состојба во енергетиката. Јас имам дилема дали ќе ја поддржам оваа нова кризна состојба, бидејќи се сомневам дека тие пари се злоуптребуваат. Затоа прво сакам да видам каде се потрошени, рече Мицкоски пред присутните новинари на прес-конференција пред почетокот на годишното собрание на партијата Демократски сили на Ромите (ДСР), која е дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.