Њукасл ќе се обиде да го привлече германскиот интернационалец Јулијан Дракслер, пишуваат медиумите во Франција. „Страчките“ веќе почнале преговори со раководството на Пари Сен Жермен. Иако Парижаните долго време се обидуваат да го продадат Дракслер, неговата цена воопшто не е ниска – 30 милиони евра.
Германецот има договор со ПСЖ до 2024 година, но свесен е дека на него нема да се потпира ниту новиот тренер Кристоф Галтие. Досега ја претпочиташе улогата на солидна резерва на „Паркот на принцовите“ отколку преселба во друг клуб, но овој пат е подготвен да бара промена.
Значајно е што 28-годишниот Германец воопшто не се најде во составот за претсезонската турнеја низ Јапонија. Минатата кампања, тој учествуваше на 18 натпревари во Лига 1, од кои само 5 започна од првата минута.
Од своето време во ПСЖ, поранешниот играч на Шалке 04 има вкупно 198 настапи и 26 голови.