Високата побарувачка во Европа, високите цени на природниот гас и зголемениот извозен капацитет ги направија САД најголем светски извозник на течен природен гас (ЛНГ) во првата половина од тековната година, објави американската Администрација за енергетски информации (ЕИА).
Американскиот извоз на ЛНГ се зголеми за 12 отсто во првата половина на 2022 година во однос на втората половина од минатата година и во просек изнесуваше 11,2 милијарди кубни стапки дневно (31,7 милиони кубни метри дневно), објави ЕИА, пренесува специјализираниот портал OilPrice.
САД ги надмина Австралија и Катар, двата најголеми светски извозници на ЛНГ. Просечните спот цени на ЛНГ во Европа и Азија останаа на историски високи нивоа, достигнувајќи рекордни на почетокот на оваа година по започнувањето на руската воена инвазија на Украина. За тоа време Европа увезува се повеќе гас од САД, обидувајќи се да го замени со гас од Русија.
Капацитетот за извоз на американскиот ЛНГ е зголемен за околу 10 отсто од ноември, според проценките на ЕИА. САД испраќаат рекордни количини ЛНГ во Европа за да им помогнат на земјите на ЕУ во нивните напори да го наполнат складиштето со гас пред зимата, во услови на растечка неизвесност околу испораките на руски гас.
За прв пат досега, земјите од ЕУ увезоа повеќе ЛНГ од САД во јуни отколку од Русија, каде гасот пристигнува преку цевководи, чиј капацитет е значително намален. Извозот во Велика Британија и ЕУ учествува со 71 отсто од американскиот извоз на гас.
Според проценките на ЕИА, американскиот извоз би требало да се намали во втората половина од тековната година од технички причини, но во 2023 година би требало да биде за 17 отсто поголем од оваа година.