Ацевски негира дека „Македонија пат“ го преплатил битуменот: „ВМРО-ДПМНЕ јавно да ја покаже фактурата“

од Берта Китинска
251 прегледи

В.д директорот на ЈП „Македонија пат“ Костадин Ацевски ја повика ВМРО-ДПМНЕ јавно да покаже фактура за цистерна битумен која чини 1.000 евра.

-Се работи за груба невистина од страна на лидерот на партијата, дека станува збор за набавка во четири очи. Всушност, се работи за јавна, трансперентна, отворена постапка за јавна набавка на стоки, почната на 25 февруари 2022, а завршена на 9 мај 2022, согласно сите правила и критериуми од Законот за јавни набавки, како и според сите процедури за јавни набавки. За постапката е извршена и управна контрола од 16 дена од Бирото за јавни набавки кое е последниот филтер за набавки од ваков тип и за неа е добиено решение од Државната комиисја за жалби по јавни набавки. Не можеме да споредуваме две претпријатија со различен обем, методологија, специфика и комплексност. Во однос на методологијата за јавни набавки, додека кај нас се зема берзанската цена на битуменот, прв пат „Улица и патишта“ оваа година ја менува методологијата и ја зема цената на битуменот од Рафинерија на денот на испорака, објасни в.д. директорот.

Ноторна лага е, нагласи Ацевски, дека ЈП „Улици и патишта“ набавиле битумен 10 пати поевтин од оној на ЈП „Македонија пат“ иако, додаде, може да има некоја разлика во цената зашто се работи за две различни претпријатија.

-Одговорно тврдам дека нема цистерна битумен која чини 1 000 евра. Не постои некој во државата што може да набави цистерна битумен за 1 000 евра и одговорно тврдам дека нема десет пати разлика во цените меѓу двете претпријатија во однос на чинењето на една цистерна битумен и меѓу фактурите на двете јавни претпријатија. Слободно ВМРО-ДПМНЕ нека излезе во јавноста и нека покаже фактура за цистерна на битумен од 1 000 евра. За да ги демантира лагите и невистините што ги изнесува во јавност, нека покаже фактура од 1 000 евра за една цистерна, а ние ќе ги покажеме нашите фактури за договорот, рече Ацевски.

Слични содржини