Министерката за одбрана, Славјанка Петровска упати благодарност до пратениците во Собранието, од власта и опозицијата, што гласаа за измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата.
-Зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал за над 2000 денари. Стекнување со право на пензија со навршени 40 години работен стаж, односно 38 години за жени, без оглед на возраста. Нова пресметка за активен воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата, во висина од 80% од најповолните 10 години од пензискиот стаж. Можност за исплата на отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години возраст во износ од две просечни плати, но не помалку од 1000 евра за секоја година помината во служба, се само дел од низата револуционерни придобивки за припадниците на Армијата што ги обелодени Петровска.
Министерката во објавата им се заблагодари на синдикатите за дијалогот во текот на подготовките на измените, но и на пратениците од власта и опозицијата што ги изгласаа законите решенија за подобрување на правата на армиските припадници.