Во сегашното црногорско законодавство „одмаздничката порнографија“ не е воведена како посебно кривично дело, па затоа гонењето на сторителите се презема исклучиво според член 175 од Кривичниот законик, кој се однесува на „неовластено објавување и прикажување на туѓи пишувања. портрети и видеа“, а пропишаните казни се благи или често се заменуваат со паричен надоместок.
Предлог-законот за измени на Кривичниот законик на Црна Гора предлагаше воведување на посебно кривично дело – злоупотреба на туѓо видео, фотографија, портрет, аудио снимка или пишување со сексуално експлицитна содржина, бидејќи има за цел да се спречи ширењето на „одмаздничка порнографија“ како општествен феномен во време на експанзија на социјалните мрежи и интернетот.
„Одмаздничката порнографија“, како што стои во нацртот што Министерството за правда го доставило на јавна расправа во понеделник, е претставена како општествен феномен кој зазема големи размери и станува доминантен облик на сексуално насилство, претежно врз жените, пренесува подгорички „Вијести“.
„Државата мора да ја заостри казнената политика доколку се земат предвид меѓународните и регионалните препораки во кои се наведува дека криминалните дела кои вклучуваат сексуално насилство треба да бидат построго санкционирани“, се вели во образложението.