Формирани сите потребни стручни комисии, се информирани сите инспекторати кои ќе ги преземат неопходните мерки согласно надлежностите, по што министерот за здравство треба да ја информира Владата за се што ќе биде утврдено, кажа премиерот Димитар Ковачевски во врска со сторијата на ИРЛ за работата на клиниката „Жан Митрев“.
Ако се дојде до сознанија кои алудираат на неправилности, нагласи Ковачевски, тие ќе бидат процесирани согласно законските процедури.
-Министерот за здравство и Министерството за здравство за сите податоци кои ќе ги добијат ќе треба да ја информираат Владата. Доколку врз основа на наодите на комисиите и инспскциските надзори и другите институции кои се вклучени се дојде до сознанија кои алудираат на одредени неправилности, нормално дека тие ќе бидат процесуирани согласно законската регулатива на државата, рече Ковачевски во одговор на пратеничко прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.
Тој потсети дека за ова прашање расправала и Владата и оти таа го задолжила и Министерството за здравство да ги провери наводите во анализата, како и на тоа дека од ДЗСИ е побарано да изврши вонреден инсекциски надзор за спроведување на одредби за пријавување интрахоспитални инспекции, како и извештај за спроведени и редовни контроли во периодот од 2019 до 2022 година.