Очекувано, Европската фудбалска федерација УЕФА покрена постапка против турскиот Фенербахче бидејќи навивачите на тој клуб го скандираа името на рускиот претседател Владимир Путин на натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите против Динамо Киев.
Гостите победија и продолжија понатаму, а Турците, судејќи според резултатите, покрај поразот во двомечот, ги очекува и тешка казна од европската организација за споменатото скандирање.
Извиците „ла, ла, ла Владимир Путин“ најгласно се слушнаа веднаш откако гостите постигнаа гол во режија на Виталиј Бујалски за водство на Динамо.
– Етичката и дисциплинската комисија на УЕФА ќе спроведе истрага за наводното неспортско однесување на навивачите на Фенербахче. Дополнителни информации за овој случај ќе има наскоро – соопштено е од седиштето на УЕФА во Нион.
Ќе биде интересно да се види како УЕФА ќе го третира ова скандирање на турските навивачи, дали „само“ како дискриминација на другата страна или како провокација со политичка конотација, со оглед на моменталната ситуација и односите меѓу Русија и Украина.