Двајца танчери беа повредени на концерт на Кантопоп во Хонг Конг, откако огромен екран кој висеше над бината падна врз изведувачите долу.
Концертот беше четврти во серијата од 12 закажани настапи во Колосеумот во Хонг Конг.
Видеата што кружат на социјалните мрежи покажуваат како членовите на бендот настапуваат со десет танчери на сцената, кога еден од ЛЕД екраните над бината се срушил.
Се чинеше дека параванот што паѓаше удри во една танчерка директно во главата и телото, пред да се собори врз друг изведувач додека толпата врескаше, пишува „Гардијан“.
Другите изведувачи на сцената побрзаа да им помогнат на повредените, покажуваат видеата.
Полицијата соопшти дека дојава за инцидентот добила во 22:36 часот и дека двете танчерки во свесна состојба се пренесени во болница. Локалните медиуми јавуваат дека едната танчерка е во тешка состојба, додека другата е во стабилна состојба.
Покрај двете танчерки, повредени се и три лица од публиката, соопшти полицијата. Еден од нив не бил добро и во свесна состојба бил испратен во болница, додека двајца биле во шок.
По инцидентот, концертот беше прекинат, а публиката беше замолена да го напушти местото.
Владата ќе спроведе истрага и ќе ги разгледа безбедносните процедури за да ги заштити изведувачите, персоналот и јавноста.
Градската власт му нареди на бендот да ги одложи следните настапи.