Верстапен победи во Унгарија, целосна катастрофа за Ферари

од Vladimir Zorba
155 прегледи

Светскиот шампион Макс Верстапен го направи невозможното и победи на трката за ГН на Унгарија и покрај тоа што стартуваше само десетти на една од патеките каде претекнувањето е исклучително тешко. Возачот на Ред Бул излезе на врвот на Хунгароринг по одличното возење во сите 70 круга и совршените стратешки одлуки на тимот на Ред Бул.

Клучниот момент во борбата за победа денес се случи при вториот пит-бокс, а Верстапен беше првиот од возачите напред кој влезе за нови гуми. Ова му овозможи да го прескокне Џорџ Расел и веднаш да го нападне Шарл Леклер, кој мораше да ги стави тврдите гуми, откако ги користеше неговите два комплета медиум гуми во првите два стинта.

Од таму до финалето светскиот шампион имаше само еден кикс, кој дојде набргу откако го мина Леклер. Холанѓанецот се заврте на крајот од кругот, дозволувајќи му на возачот на Ферари да ја врати позицијата, но само неколку круга подоцна повторно се најде зад Верстапен.

Втор зад Верстапен, целта ја мина Луис Хамилтон, кој беше многу силен во последните кругови во кои беше на меките гуми. Ова беше можно откако извозе многу долг втор стинт од 32 круга со медиум мешавините. Употребата на софт пневматиците во последните кругови му овозможи на седумкратниот шампион да го запише и најбрзиот круг на трката.

Подиумот во Унгарија го комплетираше Џорџ Расел, кој направи многу добро возење од пол-позицијата, но не можеше да се избори со многу брзиот Верстапен и неговиот тимски колега. Карлос Саинц заврши четврти, а Серхио Перез ги комплетираше топ 5 на последниот старт пред летната пауза во Формула 1.

Верстапен со денешната победа ја зголеми предноста на врвот во генералниот пласман на 80 бода пред Леклер, кој и покрај шестото место во Унгарија, останува на втората позиција. Перез заостанува само пет поени зад возачот на Ферари, а Расел 15 зад Мексиканецот.

Сега возачите и тимовите во Формула 1 имаат заслужен одмор пред следниот старт, кој ќе биде на трката за ГН на Белгија на 28 август. По трката во Спа, до крајот на шампионатот остануваат уште само осум трки.

Слични содржини