Илинден е нашата сила за иднината, длабоко врежан во нашиот код. Илинден е нашиот код. Тоа е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови. Тоа е идеја која поврзува, не е идеја која дели. Тоа е идеја која сака, а не идеја која што мрази. Тоа е идеја што развива, а не блокира. Тоа е идеја што интегрира, а не изолира, рече во неговото обраќање на Мечкин камен, премиерот Димитар Ковачевски.
Тој додаде дека прогресивната суштина на илинденската идеја живее во секој чекор што се презема и во секоја одлука што ја носиме како држава и општество.
„Визијата на револуционерите кои се издигнале над своето време, на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, на Никола Карев, на Крушевската Република, за обединување, еднаквост, правичност и праведност, перспективност е аманет што го обврзува секого што мисли добро на својата родна земја, Република Северна Македонија“ рече Ковачевски.
Премиерот во говорот истакна дека да се почитува Делчев значи да се сфати неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар на народите и така да се дејствува.